ММС

Објавено на: 02/22/21 3:20 PM

Данска и Шведска ќе воведат корона-пасош

Шведска досега беше позната поради специфичниот начин на борба против пандемијата на коронавирусот. Наместо затворање, како што тоа го направија другите европски земји, шведските власти прво сметаа на имунитет на стадо, а подоцна и на здрав човечки разум, па поради тоа беа соочени со бројки критики.

Досега во Шведска со Ковид-19 се заразиле 600.000 граѓани.

Шведска заедно со соседна Данска се одлучија за сосема друго решение од останатите и планира до лето да воведе дигитален корона-пасош кој би требало да послужи како доказ за вакцинирање против коронавирус и да овозможи посета на културни и спортски настани, како и слобода во патувањето.

Инфраструктурата за контрола на документот треба да биде подготвена до 1 јуни.

Данска уште пред Шведска претстави три вида на документи со кои на деловните луѓе ќе им се олесни патувањето. Корона-пропусницата во Данска ќе биде во дигитална форма, односно ќе се внесува на страницата на данското министерство за здравје или во смартфонот на нејзиниот сопственик.

Во моментов во двете скандинавски земји само мал број граѓани може да профитираат од корона-пасошот. Според платформата Our World in Data во Данска до 14 февруари се вакцинирале само 6,87% од граѓаните, додека во Шведска само 4,53%, што е слично како и во Германија каде што досега вакцината ја примиле само 4,95 отсто од населението.

Но, Шведска е посебно скептична кон вакцинирањето откако пред десет години, по вакцинирањето против свински грип, се појавија масовни здравствени проблеми кај децата, како нарколепсија, што предизвика огромен медицински скандал, а Швеѓаните тоа добро го паметат.

Некои граѓани ќе добијат поволности, но критичарите сметаат дека на мала врата се внесува задолжително вакцинирање. Политичарите ова тврдење енергично го отфрлаат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.