ММС

Објавено на: 02/22/21 1:45 PM

Зошто се разгоре војна помеѓу порталите на Клип Медиа Груп и агрегаторот Тајм

Порталите на групацијата „Клип Медиа Груп“, А1он, Макфакс, Репортер, Топспорт, УСБ и ДодајГас решија да се повлечат од еден од најголемите агрегатори за вести, Time.mk за да го искажат незадоволството од тоа што се правел „нецивилизиран медиумски упад“ од страна на сопственикот и свесни дека со овој потег можеби ќе им се намали читаноста.

Еден од сопствениците на „Клип Медиа Груп“, Зоран Спасов, во разговор за ММС откри дека постојат повеќе причини за излегувањето на порталите од агрегаторот.

– Прво, од неодамна „Тајм“ си зема право да ги дели медиумите на лево, десно ориентирани или неутрални и си ја додели титулата на политички полицаец. Тоа е навреда за уредниците и новинарите. Не постои човек или институција што го прави тоа. Сопственикот се однесува каубојски и невоспитано, вели Спасов за ММС.

Тој додава дека „Тајм“ се осмелил да бара од сите медиуми извештаи, аналитики, посети, корисници, место на серверите, што, како што рече,  повторно ги пречекорува медиумските морални принципи.

– „Тајм“ не е медиум, а со ова направи медиумски нецивилизиран упад. Трето, до сериозни медиуми кои имаат од 20 до 40 новинари, чија сериозна работа тој не може да ја препознае, испраќа барање да се декларираат. А на неговиот сајт постојат виртуелни медиуми кои се измислени, кои копираат вести. Таа селекција, тоа фаворизирање медиуми нè иритира, потенцира Спасов.

Спасов посочува дека  во „Грид“ коефициентите се транспарентни.„Клип медиа“ преку агрегаторот им дава можност и ги помага најмалите портали кои работат по стандарди, а не ги уништува.

– На „Тајм.мк“ има 80-90, на „Грид“ 270 портали, „Грид“ е таткото и мајката на сите медиуми во Македонија. Ние ќе истапиме, можеби ќе ни падне читаноста, но публиката ќе биде иста. Ако некој сака да ги следи овие медиуми, постојат три агрегатори, „Грид“, „Дејли“ и „Вести“, кои се веќе информирани, нагласи Спасов.

Додаде дека тој монопол, вештачки направен со години, мора да се сруши.

– „Инфо.мк“ има 27 новинари, а тој не го агрегира. Или ќе се однесува според фер и коректни принципи или ќе биде осуден од другите, рече Зоран Спасовза ММС.

Спасов рече дека има место за разговор, но со некој кој е на еснафско ниво, а не со некој кој се однесува брутално и функционира тајно

Сопственикот на Time.mk, Игор Трајковски за ММС одговори на обвинувањата за политичкото класифицирање на медиуми, форсирањето на порталите и условите за продолжување на соработката од некои од најпознатите и најчитаните портали кои го напуштија агрегаторот.

„Зависи колку ви е широка дефиницијата за најпознати и најчитани. Дали ако се во први 3, први 10 или први 100. Ако за најчитани ги сметаме првите 100 веб портали, тогаш се во најчитаните. Можат да обвинуваат колку што сакаат. Имаат мислење, став, имаат сајт каде може да си го објават тоа мислење, не гледам тука никаков проблем. До пред некој ден немаше никаков проблем, барем јавно искажан, туку се јави кога на нив, како и на сите други сајтови кои ги индексираме на нашиот сајт, им пративме еден ист мејл, со неколку прашања околу контакт лица кои би ги барале доколку има проблем со превземањето на линковите кон вестите, и околу контакт лице за содржината, затоа што често пати кај нас се јавуваат читатели и клиенти во врска со вестите кои се пласираат од медиумите кои ги индексираме.

Други прашања беа, дали сакаат да продолжат да бидат индексирани на time.mk и побаравме да ни испратат извештај од Google Analytics во кој е наведена колку изнесува нивната посетеност. Некогаш таа посетеност ја користиме како услов за дали сајтот ќе биде индексиран на time.mk, некогаш ја користиме во алгоритмите за рангирање на вестите, вели Трајковски и додава:

-. Во тој извештај нема никакви деловни тајни, ниту некој може да да има било каква корист освен податокот колку посетители има сајтот и колку посети оствариле. Истиот тој извештај го бараат сите маркетинг агенции и воошто не е никаква деловна тајна, освен ако не сакаш да се знае колкава е посетеноста на вашиот портал. Над 100 сајта ни пратија такви извештаи, немаше никаков проблем, освен сајтовите од групацијата на а1он/макфакс, и сајтот offnet.

– Во врска со форсирање и спуштање на портали, најмалку 100 пати сум објаснувал како работи нашиот сајт, но на некои сајтови тоа упорно не им се допаѓа, и ок е тоа. Не може на сите да им се допаѓа. На крајот на краиштата, квалитетот на алгоритмот кој ги рангира вестите се манифестира преку посетеноста на сајтот и на колку луѓе тоа им се допаѓа, а не колку им се допаѓа на уредниците на сајтовите. Замислете одредени ентитети да не им даваат изјава на медиумите, само затоа што таа вест ќе била дадена после вторите реклами, а не е прва ударна вест. Уредникот на медиумот одредува која вест ќе биде ударна која ќе оди втора, која после реклами, која пред крај на вестите. Кај нас тоа го прави компјутерска програма која ние сме ја тренирале како да го прави тоа. И друго, не постои само еден агрегатор, ги има 5-6, на нив никој не им сугерира како да ги рангираат вестите, затоа што time.mk е најпосетуваниот сајт за вести во Македонија, а тоа е така затоа што посетителите му веруваат на сајтот дека неговиот алгоритам за рангирање на вестите најверојатно ќе им пласира најрелевантни вести во моментот. Поделбата на сини и црвени медиуми ја направија нашите читатели не ние. Сите медиуми се поделени во две класи, со степен на припадност во соодветната класа, според тоа како корисниците на персонализацијата на вести (која ја имавме со години) ги рангирала медиумите. Медиуми што многу често добивале иста или слична оценка од голем број на корисници, се ставаат во иста класа (плава или црвена). На тој начин се формирани плавата и црвената верзија на time.mk. Проблем мислам дека направи последната реченица во мејлот испратен до сите сајтови дека долколку не одговорат во рок од 4 дена ќе сметаме дека сакаат са бидат исклучени од сајтот. . Но без формално да го побараат тоа, никогаш нема да знаеме за сигурно. Наше беше да им побараме извештај за постеност на сајтот, доколку не сакаат да ни дадат поради нивно разбирливи причини, во ред. Нашите податоци за посетеноста на сајтот се јавно достапни, секој да ги погледне, дури не треба ни да ги бара од нас“, образложи Трајковски и додаде дека барањето за извештај од Google Analytics ги навело да мислат дека Тајм им диктира услови на порталите од Клип Медиа за кои тој не гледа никаква причина да не бидат вклучени овие сајтови во Time.mk, вели тој.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.