ММС

Објавено на: 02/23/21 11:35 AM

Зошто сонцето не’ прави среќни, а зимата нерасположени – Се’ за зимската депресија со психологот Верица Бакулеска

Неслучајно одредени култури му даваат голема важност на сонцето, молеќи се да им донесе добро здравје. Научните докази потврдуваат дека сончевата светлина влијае врз оптималното човеково функционирање. Веќе е добро познато дека сончевата светлина го поттикнува лачењето на хормонот серотонин, познат како „ хормон на среќата “. Топлото време предизвикува пријатни чувства. Спротивно на тоа, студеното време и затвореноста во домовите може да го намали расположението и лошо да влијае врз менталното здравје. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува психологот, Верица Бакулеска. Со неа разговараме за таканаречената зимска депресија, односно за влијанието на зимските месеци врз менталното здравје, ако се знае дека тогаш луѓето почесто се во затворен простор.

Зимскиот период може да ја влоши ситуацијата кај лицата кои секојдневно имаат проблеми со состојби како анксиозност и депресија. Од друга страна пак, овој период од годината не влијае многу врз вљубениците во природата бидејќи тие се креативни и знаат да уживаат на планинските места, односно да се занимаваат со некој од зимските спортови.

Дали може да очекуваме поиразени ментални проблеми, како анксиозност или депресија, во овој зимски период кој е проследен со пандемијата со коронавирус, која дополнително ја отежнува социјалната интеракција?

-Покрај опасноста за физичкото здравје, коронавирусот дефинитивно може да ја загрози и менталната благосостојба. Намалената социјализација кај многу луѓе предизвика оттуѓеност и ја зголеми паранојата, што сметам дека ќе биде присутна и некое време од кога сето ова ќе заврши.

Пандемијата го забави вообичаено брзиот живот и не’ натера да седнеме сами со себе и подобро да се запознаеме. Тоа е добро, но отвара многу процеси кои некои личности не можат да ги поминат сами па така ( доколку не побараат помош ) не ретко се јавуваат панични напади или погоре споменатите, анксиозност и депресија.

Според некои познавачи зимската депресија се уште е мистерија која допрва треба да се проучува, но што велат Вашите познавања и Вашето досегашно искуство? Зошто зимата може да доведе до негативни емоции и да направи луѓето да се почувствуваат осамено?

Сезонското афективно растројство ( САР ), наречено зимска депресија, обично се јавува во есен и зима и трае се’ додека траат овие месеци. Додека клиничката депресија често се манифестира со несоница и губење на апетитот, овој вид на депресија се одликува со поспаност и зголемен апетит. Други симптоми се: намалена концентрација, необјаслива тага, апатија и раздразливост.

Се смета дека причина за оваа состојба е дисбалансот на хормонот серотонин или на мелатонинот.

Ризик фактор се и лицата кои претходно се соочиле со клиничка депресија или биполарно растројство како и лица кои имаат член од семејството кој страда од овој вид на депресија.

Морам да предупредам дека не секогаш се работи за зимска депресија ако депресивното расположение се појави во студените месеци.  Многу луѓе едноставно се чувствуваат меланхолично за време на празничниот период и тоа не мора да биде поврзано со депресија.

Исто така, на пример, ако нешто лошо ви се случило во декември и сега секој декември се чувствувате тажно, тоа не е САР туку емоционална асоцијација за тој месец.

Дебелеењето за време на зимските месеци е едно непишано правило, кое според нутриционистите се должи на поголемата затвореност. Дали за време на овој период од годината може да развиеме навика за емотивно прејадување? Колку се луѓето склони кон тоа да и се предадат на храната во недостиг на можности за надворешни активности?

-Како што споменав и погоре, лицата кои патат од зимска депресија имаат тенденција да се прејадуваат (најчесто имаат потреба за благо) и тоа на некој начин им го подобрува расположението иако тоа не е здрав начин за надминување на проблемот.

Емотивното прејадување претставува прејадување со свесна или несвесна цел да се „ проголтаат “ несаканите чувства како : стрес, лутина, страв, досада (која почесто се јавува во постудените месеци).

На оние кои го имаат овој проблем би им сугерирала да не забележуваат само што јадат туку и како јадат, дали јадат со свесност и што за нив значи храната.

Како да си помогнеме? Кои се вашите препораки за поголема ведрина во секојдневието кога истото го поминуваме во услови на ограничувања за интеракции во општеството?

-Покрај сончевата светлина, на расположението може да влијае и краткото пешачење, вежбање, здрава храна, јога или медитација. Во врска со социјалните ограничувања, потсетете се дека ова не е состојба која ќе трае уште долго и дека не ни се налага социјална туку физичка дистанца. Се’ уште можеме да комуницираме меѓусебе користеќи ја технологијата.

За оние кои доживуваат поинтензивни симптоми на САР би препорачала да посетат доктор и секако, психолог кој би им го олеснил процесот.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.