ММС

Објавено на: 02/21/21 1:30 PM

Пациентите со цироза на црниот дроб имаат голем ризик за смртен исход од Ковид-19

„Eдна третина од пациентите со Ковид-19 имаат нарушена црнодробна функција, а оние кои имаат цироза на црниот дроб за 32 отсто имаат поголеми шанси за смртен исход од вирусот“, истакна д-р Бети Тодоровска од Клиниката за гастроентерохепатологија на редовните онлајн едукации кои секој недела ги организира Лекарската комора на Македонија.

Претседателот на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова истакна дека имајќи во предвид дека Ковид-19 е системско заболување, тоa може да предизвика оштетувања и на црниот дроб и на гастроинтестиналниот систем, за што во почетокот на пандемијата постоеја помалку информации и податоци, но сега веќе лекарите овие манифестации полесно ги препознаваат и успешно ги лекуваат.

Оштетување на црниот дроб кај заболен од Ковид 19 може да настане поради директно токсично дејство на самиот вирус или преку имунолошки механизам познат како цитокинската бура. Црниот дроб страда и кога не добива доволно кислород (хипооксија) во случаите на нарушена работата на срцето и на белите дробови, но тој може да се оштети и од лековите кои се даваат во третманот на Ковид-19.

Научните истражувања покажуваат дека пациентите кои имаат неалкохолно замастен црн дроб и кои се заразени со Ковид-19 имаат стабилен тек на болеста во 80 отсто од случаите, но оние кои имаат и покачен крвен притисок, дебелина или дијабетес мелитус тип 2 развиваат потешка клиничка слика на Ковид-19. Оваа категорија на пациенти се повеќе склони и кон појава на оштетување на црниот дроб предизвикано од лекови. Пациентите со црнодробна цироза имаат за 32 отсто зголемен ризик од смртен исход од Ковид-19.

„Пациентите со цироза на црниот дроб кои се Ковид-19 позитивни задолжително треба да се хоспитализираат, потребно е активно мониторирање на влијанието на антивирусната терапија врз црнодробната функција, како и активен третман на компликациите поврзани со цирозата“, објаснува д-р Тодоровска.

Се уште нема јасни препораки околу вакцинацијата на пациентите со хронично заболување на црниот дроб, но со оглед  дека вакцините на Моderna, Pfizer/BioNTech и AstraZeneca не содржат ниту жив, ниту ослабен вирус, се чини малку веројатно дека имунизацијата претставува закана по безбедноста за пациентите со црнодробна цироза , сметаат лекарите.

„Од друга страна, кај пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба или пак примаат имуносупресивна терапија, како што се оние со автоимуна болест на црниот дроб и  со трансплантиран црн дроб, генерално не се препорачува да примаат вакцина заснована на  mRNA технологија” порачува д-р Тодоровска.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.