ММС

Објавено на: 02/21/21 11:45 AM

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за клинички центар

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за клинички центар и смета дека власта води нетранспарентен процес.

„Зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите. Тоа зајакнување не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 членови, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот. Прво, треба да е јасно дека за вредност од 500-700 милиони евра, денес ќе дебатиравме за потребата  втор клинички центар и сето тоа ќе беше доколку не го прекинеа проектот Клинички центар Мајка Тереза.

Второ, предлагаат закон за клинички, а ги немаат решено имотно-правни односи на самото земјиште, не им е отпочната постапката за експропријација. Немаат анализа за потребата од централизација или пак децентрализација на здравствениот систем настаната од корона епидемијата, немаат проект, немаат испитувања за геомеханиката на земјиштето, ниту за евентуални археолошки наоѓалишта.

Трето, градбата на нов клинички центар вака како што тие го замислуваат и сакаат да го протуркаат претставува извор на корупција.  Овој предлог е само една работна верзија на закон. Овој предлог наместо да обезбеди одбирање на најдобрата компанија, стимулира некаква заедница на компании.

Четврто, самата јавна набавка е спорна, со оваа работна верзија се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Дури, постои и однапред  можност за однапред договорени фиктивни понуди.

Петто, како заклучок, може да се каже дека ова е само еден проект на популизам кој што се случува пред избори. Оттука ВМРО-ДПМНЕ ваков законски текст не поддржува!“, истакна Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.