ММС

Објавено на: 02/21/21 11:20 AM

До вчера се вакцинирани 764 здравствени работници

Во земјава до вчера против Ковид-19 се вакцинирани 764 здравствени работници. Имунизацијата на здравствените работници со вакцината од производителот „Фајзер“ се одвива во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде се поставени шест вакцинални позиции и се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота.

– Веќе добро функционира системот на закажување, близу 95 илјади граѓани се пријавени преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари. Од нив, 44 илјади се граѓани на возраст над 70 години со хронични болести, значи се таа прва приоритетна група на граѓани која треба да бидат вакцинирани по медицинскиот кадар. Веднаш кога ќе пристигнат вакцините, за разлика од сегашните вакцини тие ќе бидат дистрибуирани до сите вакцинални пунктови во земјава и ќе започне масовното вакцинирање на населението, рече министерот Филипче.

Тој посочи дека ќе се направи проценка и дали треба да се набават и содветни количини од руската вакцина против Ковид-19.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека земјава нарачала толку вакцини против Ковид-19, колку што Комисијата за заразни болести, според нејзината проценка, оценила дека е доволно за да се постигне колективен имунитет.

– Така што дефинитивно сме направиле чекори, сме потпишале договори, некаде авансно сме платиле или слично за да ги обезбедиме тие количини. Ако продолжиме да порачуваме вакцини „Спутник“, следна веројатно е „Астра Зенека“, па нови количини од „Фајзер“, па нови количини од „Синофарм“ и ќе се затекнеме да има пет милиони вакцини во државата. Тоа е недозволиво заради рационалноста и наменското трошење на јавните пари. Затоа сме направиле договори толку колку што имаме потреба согласно националниот план за вакцинација на граѓаните во Република Северна Македонија. Ако се откаже дел од нарачките и се анулира дел од нарачката веројатно следни за нарачка ќе бидат токму „Спутник“ вакцините, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера обвини дека практично нема никаква комуникација помеѓу Владата и држави производители на вакцините, меѓу која е и Русија.

Според него, не важно потеклото на вакцините „дали е од Кина, дали е од Русија, дали е од Европската унија, дали е од САД“.

– Час поскоро вакцината треба да се донесе, да може оние граѓани кои што сакаат да се вакцинираат, да се вакцинираат, да спасиме живот повеќе, да спасиме здравје, рече Мицкоски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.