ММС

Објавено на: 02/21/21 10:40 AM

Скопје со најчист воздух во јануари во последните седум години

Се бележи тренд на намалување на аерозагадувањето во Скопје, а според податоците од Град Скопје, главниот град е со најчист воздух во јануари во последните седум години. Според скопските мерни станици, во јануари годинава максималната среднодневна вредност на ПМ10 честичките била 162, за разлика од 2015 година, од кога има релевантни податоци за квалитетот на воздухот, односно кога била 560.

– Податоците од државните мерни станици во Скопје за изминатиот месец покажуваат дека скопјани дишеле најмалку загаден воздух во споредба со истиот месец во последните седум години, посочуваат од Град Скопје, додавајќи дека анализата на концентрациите на ПМ10 честички во Скопје во јануари (од 2015 до 2021) покажува на охрабрувачки трендови по сите статистички показатели.

Проблемот со загадувањето на воздухот во земјава е долготраен, а Скопје како главен град неколкупати се наоѓаше на листата топ 10 најзагадени градови во светот. Иако со години и здруженијата и надлежните институции бараат решение за надминување, како и лоцирање на коренот на овој феномен, сепак низ годините се соочуваме со бројни денови во кои се чувствува загаденоста во воздухот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дела главни индикатори кои влијаат врз аерозагадувањето се нееколошките начини на затоплување на административните згради и на домаќинствата, транспортот и индустријата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.