ММС

Објавено на: 02/20/21 10:01 PM

ОН: Половина од палестинската популација има потреба од хуманитарна помош

Извештајот на Обединетите нации (ОН) покажува дека палестинскиот социоекономски развој во 2020 година претрпел една од најлошите години од 1994 година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во извештајот, што во четвртокот го објави Кабинетот на специјалниот координатор на Обединетите нации за мировниот процес на Блискиот Исток (UNSCO), се наведува дека половина од палестинската популација има потреба од хуманитарна помош, а дека долготрајната хуманитарна криза ја влошила пандемијата на коронавирусот.

„Палестинската управа и палестинскиот народ претрпеа многу во 2020 година, а повеќе од половина од популацијата има потреба од помош. Сепак, се надевам дека донаторите ќе искажат и ќе ја овозможат помошта што е многу потребна“, рече специјалниот координатор Тор Венисланд.

Во извештајот, 2020 година е опишана како година со многу предизвици за Палестинците, нивните институции и економијата во текот на пандемијата и невидената фискална криза.

Се наведува дека околу 150.000 Палестинци останале без работа во текот на првото затворање што беше со цел спречување на ширењето на Ковид-19, до кое дојде минатата пролет, а се очекува дека моменталното затворање (lockdown) ќе предизвика негативни последици.

„Кон почетокот на февруари вакцините почнаа да пристигнуваат на окупираната палестинска територија, а ОН, со помош на Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, ги поддржуваат подготовките на палестинската влада за да прими и дистрибуира вакцини, вклучувајќи го и механизмот КОВАКС“, рече Венисланд.

Додаде дека е потребна и логистичка поддршка на Израел во доставувањето вакцини на подрачјата на Западен Брег и во Појасот Газа.

Во извештајот се наведува дека се очекува поголемото давање вакцини да ги опфати приоритетните групи на окупираната палестинска територија во наредните два месеца, но дека остануваат значајни потешкотии кои се однесуваат на финансиите.

„Ова се исклучителни времиња, но тоа е причина повеќе израелските и палестинските лидери да покажат флексибилност и прагматичен пристап во решавањето на итните прашања и сигурност за палестинскиот народ да ја надмине тешката година“, рече Венисланд.

Во извештајот е упатен повик до меѓународната заедница да го поддржи широкиот распон на хуманитарните и развојни проекти, со техничка поддршка за да им се помогне на палестинските власти во спроведувањето на економските реформи.

„Ја повикувам меѓународната заедница да работи заедно за да се спречат какви било идни незадоволства на палестинскиот народ, а за да се види прогресот на важните полиња од заеднички интерес, особено на израелско-палестинските односи“, рече Винисланд.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.