ММС

Објавено на: 02/20/21 7:00 PM

Барди и Леванте уште еднаш застанаа на патот на Атлетико Мадрид во шампионскиот поход

Дали Атлетико Мадрид го „губи тлото под нозе“? Сосема легитимно се поставува прашањето откако тимот на Чоло Симеоне по вторпат во четири дена не успеа да го совлада истиот противник, освојувајќи само бод против цврстата екипа на македонскиот репрезентативец Енис Барди, Леванте.

Во заостаниот дуел од второто коло во Примера кој се одигра во средата, „јорганџиите“ одиграа само 1:1 на гостувањето во Валенсија. Тогаш Енис Барди беше кобен за Јан Облак и можеби шампионските амбиции за црвено-белите од Мадрид. Денес на „Ванда Метрополитано“, мадриѓаните го забележаа само вториот пораз во сезоната. Дополнително, покрај лошата форма и седумте меча по ред во кои Атлетико не ја задржува чиста својата мрежа, загрижува и повредата на Хименез на почетокот од второто полувреме.

Атлетико во текот на целиот двобој ја имаше топката во нозете, имаше иницијатива изразена преку посед и по некоја добра шанса, но Барди и соиграчите мислеа поинаку. Хосе Моралес во 30-тата минута го отвори резултатот за гостите. Со малку среќа топката заврши позади грбот на словенечкиот голман. Хорхе де Фрутос, кој влезе како замена во вториот дел, во длабокото судиско продолжение од пет минути пред последниот свиреж го оконча резултатот и им донесе на Леванте три многу важни бодови.

По 23 кола Атлетико е на врвот во Ла Лига со освоени 55 поени, шест повеќе од второпласираниот Реал Мадрид и девет повеќе од третата Барселона која има и натпревар помалку.

Поразот на Атлетико Мадрид на „Ванда Метрополитано“ е прв по декември, 2019 година. Сепак, Леванте се чини дека е „Пеницилин“ за мадридските екипи. Според педантниот статистичар Колин Милар, од 2018 година помалиот тим од Валенсија има победено дури шестпати во шпанската престолнина. Две победи против Реал Мадрид, на „Сантијаго Бернабеу“ и „Алфредо Ди Стефано“, по една против Атлетико Мадрид, Хетафе, Леганес и Рајо Ваљекано.

 

 

 

Фото:

Тwitter / @TheEuropeanLad


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.