ММС

Објавено на: 02/20/21 9:05 PM

Ме гледаат како тренер, не како жена и ме слушаат кога ќе им подвикнам – Билјана Црвенкоска, прва жена-тренер во машката ракометна репрезентација

Откако стана првата жена тренер на клупата на машки тим која го кренала пехарот во Лигата на шампионите, Билјана Црвенкоска ќе ги руши стереотипите и на репрезентативно ниво.

Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров и македонска репрезентативка ќе биде дел од стручниот штаб на машкиот национален тим на Македонија, што ја прави Билјана единствена жена помошник во една репрезентација во земјава.

Работата со ракометари не и непозната на Црвенкоска затоа што нејзината тренерска кариера почна токму во машкиот тим на Вардар во сезоната 2019/2019 кога стигна до трофеите од Лигата на шампионите и СЕХА лигата.

Од почетокот на оваа сезона таа почна да работи како помошник тренер на Андон Бошковски во тимот на суперлигашот Голден Арт КЛ7 кој е во сопственост на легендарниот Кирил Лазаров. Пред еден месец го напуштила Голден Арт и ракометот, но по 30 дена сфатила дека не може без него.

Стигнал и повикот од новиот селектор на Македонија, Кире Лазаров.

“Останав без ангажман по заминувањето од КЛ7. По 30 дена сфатив дека не можам без ракометот. Мојот ракомет е моја љубов. Кире ја ценеше мојата работа и дошол на идеја дека можам да бидам дел од тренерскиот тим во репрезентацијата. Почестена сум што ќе работам со големи имиња како Лазаров, Миркуловски, Стоилов. Како жена воопшто не чувствувам притисок затоа што ќе работам со машки ракометари или што ќе морам да им давам задачи. Досега работев со машки тимови, соработував со професионалци и се доживував како тренер, дел од тимот, а не како жена. Ракометарите имаат респект и кога ќе им подвикнам. Досега во стручните штабови имало жени физиотерапевти, но јас сум првата жена тренер на машка репрезентација. Не гледам зошто да нема жени тренери во машкиот ракомет“, раскажа Црвенкоска за ММС.

Биле има голема поддршка од федерацијата, од Лазаров и останатите во тимот и се надева дека ќе го наметне својот авторитет, а нејзиниот ангажман ќе ги охрабри сите во останатите спортови да им дадат доверба на жените.

“Пресреќна сум што добив шанса да ги тренирам најдобрите. Имаме талентирани играчи, но тоа мора да го покажат на теренот. Нивниот напредок зависи од работата во клубовите затоа што собирите за репрезентацијата се кратки и повеќе се работи на тактика, отколку на техника“, додаде Билјана Црвенкоска.

Таа е вистински професионалец со сестрана едукација во ракометот, поседува највисока тренерска лиценца, професор е по физичка активност, спорт и фитнес администрација и менаџмент.

 

Орце Костов

 

Фото: Facebook


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.