ММС

Објавено на: 02/19/21 9:02 PM

Мас: Расизмот стана вообичаен во секојдневниот живот во Германија

Министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас, изјави дека во неговата земја расизмот станал вообичаен во секојдневниот живот, јавува Агенција Анадолија (АА).

Мас на официјалниот профил на социјалната мрежа Твитер се присети на жртвите од расистичкиот напад кој пред една година се случи во германскиот град Ханау, а во кој беа убиени девет лица.

„Расизмот стана вообичаен во секојдневниот живот во нашата земја, тој уништува и убива живот“, изјави Мас.

Изнесувајќи официјални податоци од германските институции, Мас изјави дека во Германија живеат повеќе од 33.000 екстремни десничари, од кои 13.000 се подготвени на насилство.

„Тој тренд расте, тогаш зошто не ги запалиме сите ѕвона на алармот?“, запраша Мас, упатувајќи критики поради односите кон семејствата на жртвите:

„Како е возможно семејствата на жртвите и понатаму да се жалат на непочитување и бирократска аверзија со која се среќаваат во официјалните институции и организации? Можеби затоа што жртвите се викаат Фатих, Мерцедес или Седат, а не Питер, Мери или Џорџ. Тоа е поради тоа што ги гледаме како странци, а не како граѓани со еднакви права во нашата земја. Тоа е поради тоа што на нив влијаат секојдневниот расизам во институциите, владините кабинети, продавници, училишта, автобуси и возови, а не на нас“, порача Мас.

Шефот на германската дипломатија побара борба против екстремната десница и истакна:

„Мораме да го откриеме структурниот расизам и да го оддалечиме од себе. Истражувањето на екстремизмот, антисемитизмот и расизмот во безбедносните сили можеше да биде прв чекор. Мораме сериозно да се бориме против крајната десница и меѓународните расистички мрежи.“

Мас исто така побара во јавноста и во парламентите да се спротивстават на расистичкото поттикнување и ја нагласи потребата за политичка борба со крајно десничарските популисти.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.