ММС

Објавено на: 02/19/21 6:58 PM

Европа и САД го предупредуваат Иран да не го ограничува пристапот до Меѓународната агенција за атомска енергија

Франција, Германија, Велика Британија и САД издадоа заедничко соопштение во кое ја нагласуваат опасноста во одлуката на Иран да го ограничи пристапот до Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) и го повика Техеран да ги разгледа последиците од ваквата сериозна акција, особено во овој момент на обновена дипломатска можност.

По состанокот меѓу министрите за надворешни работи на земјите, во соопштението се повикува Иран да не презема никакви дополнителни чекори во врска со суспендирање на Дополнителниот протокол или ограничување на активностите за верификација од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Техеран се заканува да ги запре нуклеарните инспекции на Агенцијата за атомска енергија, кои беа договорени во Договорот за нуклеарната програма на Иран во 2015 година, доколку САД не ги укине повторно воспоставените санкции до 21 февруари

Европските земји и САД исто така изразија загриженост во врска со неодамнешните активности на Иран за производство на ураниум збогатен до 20 отсто и металот ураниум, клучен чекор во развојот на нуклеарното оружје. Тие остро ги критикуваа активностите на Техеран бидејќи „нема кредибилно граѓанско оправдување“.

Вашингтон исто така ја истакна својата подготвеност „да се врати во дипломатијата со Иран“.

Државниот секретар Ентони Блинкен, кој учествуваше на состанокот во Париз преку видеолинк, го повтори ставот на администрацијата на Бајден дека САД ќе се вратат на Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA), доколку Иран строго ги почитува обврските во согласност со договорот.

Трите европски сили постојано го повикуваа Техеран да се врати во целосна согласност со Планот за акција, и покрај одлуката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година да се повлече од договорот.

Иран започна да ги намалува своите обврски кон Договорот за нуклеарната програма како одмазда за едностраното повлекување на САД од договорот и ги засили своите активности во последните неколку недели за да го зголеми притисокот врз новиот американски претседател Џо Бајден.

Покрај САД и трите најголеми европски земји, Кина и Русија се другите потписнички на Договорот за нуклеарната програма, кој предвидува укинување на економските санкции за Иран во замена за Техеран да се согласи да ја ограничи својата нуклеарна активност врз цивилни цели.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.