ММС

Објавено на: 02/19/21 5:21 PM

Почина Ѓорѓе Балашевиќ

Познатиот српски кантавтор и пејач, Ѓорѓе Балашевиќ, починал на 67-годишна возраст, пренесува српски „Блиц“.

Легендата на поп музиката на екс-ју просторите, пред три дена бил примен на Инфективната клиника во Нови Сад поради влошената здравствена состојба предизвикана од Ковид-19. Лекарите ги презеле сите неопходно мерки, но за жал неговата здравствена слика не се подобрила.

Денес неговата состојба дополнително се влошила со оглед на претходните хронични проблеми кои ги имал. Српските медиуми минатата седмица јавија дека Балашевиќ имал воспаление на белите дробови и веднаш бил хоспитализиран.

Ѓорѓе Балашевиќ е роден на 11 мај, 1953 година во Нови Сад. Во својата долгогодишна и плодна музичка кариера има издадено 14 албуми.

Јавноста го запознава преку песната „У раздељак те љубим“ со групата „Жетва“. Потоа ја напушта групата и заедно со Верица Тодоровиќ ја формира групата „Рани Мраз“ со која на фестивалот во Опатија за првпат настапува со „Моја прва љубав“. По приклучувањето во групата на Бора Ѓорѓевиќ (Бора Чорба) и Билјана Крстиќ, Балашевиќ и „Рани Мраз“ ја создаваат песната „Рачунајте на нас“, за многумина химна на една генерација и потсетник на едно значајно време.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.