Независниот синдикат на образование и наука утре ќе протестира пред ресорното министерство. Просветните работници најавија дека протестот ќе почне во 13 часот , а причината за ваквиот настан пред зградата на МОН е како што велат тие, игнорантскиот однос на надлежните.
Ние до надлежните имаме барања кои се засновани на законските одредби во државата и сакајќи да бидеме сослушани нашите барања ќе ги изнесеме во форма на протест – најавија денеска од Синдикатот.
Барањата на НСОН во име на просветните работници се следниве:
Почитување на ставот на Друштвата на наставници во врска со најавената Концепција за реформи во основното образование ;
Исплата на плата за просветните работници во согласност со Колективниот договор ;
Исплата на платите согласно со Закон и Колективен договор, најдоцна до 10-ти во месецот ;
Исплата на додаток на плата за наставниците кои работат со двојно зголемен фонд на часови ;
Исплата на регрес за годишен одмор од кој просветните работници моментално се изземени ;
Организиран превоз, месечна карта за јавен превоз или месечен надоместок за патни трошоци за просветните работници кои патуваат на работа во рурални средини или од една во друга општина;
Трансформација на работниот однос на просветните работници кои во континуитет се вработени две или повеќе години.