ММС

Објавено на: 02/19/21 2:38 PM

Во континуитет ќе протестираме низ цела држава: Угостителите со ултиматум до Владата, бараат дозвола за работа

Да се укине забраната за работа на ноќните клубови, но и на рестораните за свадби и други свечености. Ова е клучното барање што денеска преку протест до Владата го адресираа угостителите, претставниците на фотостудија и на музички бендови. Тие го почнаа денешниот протест во 14 часот во Скопје, а паралелно се протестираше и во Гостивар. Најавија дека доколку надлежните не им излезат во пресрет, од понеделник тие ќе почнат со континуирани протести во Скопје и во градовите од внатрешноста.

„Не работиме бидејќи ни е забрането, нашата примарна дејност е спречена“, изјави угостителот Перица Голомеиќ. Тој и останатите кои учествуваа на денешниот собир побараа Владата да направи посебен пакет со мерки, бидејќи веќе цела година не можат да работат.

Претходно, министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека не се согласува со денешниот ултиматум за државата, но додаде дека  го поддржува демократското право на протест.

„Имаше директни грантови за угостителите со 4-тиот пакет мерки, но ниту една дејност нема да биде заборавена и со петтиот пакет мерки. Не се согласувам со ултиматумите, а секако ги охрабрувам на искажување на своето мислење преку протести. Осум месеци се плаќаат платите од државата, вклучувајќи го тука и угостителството. Секако ќе има и други олеснувања“, рече Бектеши.

Коментирајќи ја оваа негова изјава, Голомеиќ истакна дека министерот треба да каже дали таа помош е доволна за субјекти кои не работат.

„Нека ни каже дали може со тие пари да сервисираме објекти од илјада метри квадратни. Веќе и банките не’ притискаат, не сме ликвидни, не остваруваме профит. Тоа се нашите аргументи за министерот“, додаде Голомеиќ.

-Ние будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата и сме свесни за моменталната состојба. Поради тоа во првата фаза не бараме да ни се дозволи да организираме „традиционална македонска свадба” и единствено бараме да можеме да работиме под истите услови и протоколи како и останатите ‘a la carte’ ресторани – беше апелирано на денешниот протест од страна на угостителите и останатите засегнати кои инсистираат да им се даде дозвола за организација на настани според веќе усвоените протоколи за заштита од коронавирусот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.