ММС

Објавено на: 02/19/21 2:02 PM

Почна реконструкција на Кејот „13 Ноември“

Градот Скопје денеска почна со партерно уредување на кејот „13 Ноември“, на потегот од градскиот плоштад до улицата Стив Наумов. Со овој проект, партерно ќе се уреди површина од околу 12.500 квадратни метри која концептуално ќе се поврзе со околните објекти. На почетокот на активностите за уредување на овој дел од кејот денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, претставници од Градскиот трговски центар и Телеком и познати стопанственици.

„Овој проект е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Тука предвидуваме целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“. Ослободуваме повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила, имајќи предвид дека Градот има обврска кон Телеком. Оваа сервисна улица ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали исклучиво од 8 до 9 часот наутро и од 14 до 17 часот, времето кога вработените влегуваат и излегуваат“, рече градоначалникот Шилегов, на денешната прес-конференција.

На кејот, додаде тој, ќе се креира доволно простор за сите корисници – за граѓаните кои го користат за прошетки, одмор и за релаксација, но и за бизнисите кои во најголем дел се угостителски објекти.

„Терасите кои ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни развиени дрвја. Дотурот на роба ќе се овозможи исклучиво во одредени часови преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот. Со тоа, конечно ставаме ред на овој простор, го спречуваме самоволието и хаосот од непрописно паркирани возила кои последните десетина години го правеше небезбедно движењето на пешаците, но и работењето на угостителските објекти. Среќен сум што за неколку месеци од сега, рокот за изведување на работите е четири месеци, во текот на летната сезона кејот „13 Ноември“, гордоста на нашиот град,  повторно ќе биде преполн со сограѓани кои ќе се чувствуваат пријатно и ќе уживаат во благодетите и функционалноста што ќе ги нуди најубавиот јавен простор во Скопје“, нагласи Шилегов.

Според премиерот Зоран Заев, овој проект за кејот на Вардар на Скопје ќе му го даде обележјето што го има секој поголем европски град кој се развива покрај река и во кој бреговите се негуваат како јавни површини на кои првенствено место имаат граѓаните, зеленилото и непречената комуникација со сите други содржини на градот.

„Мене ми е особено значајно што предностите на оваа реконструкција ги прифатија и сопствениците на угостителските локали на кејот и што лично ќе направат демонтажа на летните тераси за да се овозможи непречено извршување на работите. Тоа ми потврдува дека и тие, како и сите граѓани на Скопје и градските власти ја препознаа дополнителната вредност на овој проект. Модерно уредениот кеј ќе ја зголеми фреквенцијата на посетители и ќе ја поттикне туристичката раздвиженост на кејот, а тоа значи и повеќе гости во самите угостителски објекти. Она на што не научи пандемијата со Ковид 19 е колку се значајни слободните јавни простори облагородени со зеленило за да се овозможи слободно движење на луѓето во здрави животни средини. За мене и за Владата е битно тоа што ќе ослободиме уште еден дел од јавните површини кои беа окупирани од „Скопје 2014“ особено по должината на кејот на Вардар и што ќе се ослободи влезот од северната страна на Градскиот трговски центар, еден од најпрепознатливите маркери на градот Скопје“, истакна премиерот Заев.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.