ММС

Објавено на: 02/19/21 1:43 PM

(Видео) Го бараше цела Европа, но Берлускони им го зема – Фудбалерот Лука Станковски ќе игра за Монца

Еден од најголемите македонски фудбалски таленти, Лука Станковски, ќе тргне по стапките на Горан Пандев и ќе заигра во италијанската фудбалска лига.

Синот на бившиот фудбалер и репрезентативец на Македонија, Горан Станковски, во моментов игра за Работнички, но од следната сезона ќе се натпреварува во Серија Б, во дресот на Монца чиј сопственик е бившиот италијански премиер и поранешен сопственик на Милан, Силвио Берлускони.

Берлускони и директорот Адријано Галијани беа на чело на Милан во најдобрата ера на „росоњерите“ кога доминираа во Италија и во Лигата на шампионите.

Токму славниот Галијани бил најупорен да го види талентираниот Лука во редовите на Монца кој има амбиции да заигра во Серија А, па преку своите скаути ги следел настапите на фудбалерот на Работнички.

Лука оваа сезона одигра 15 натпревари со учинок од седум гола и три асистенции, што за играч од средниот ред на теренот е одличен ефект и токму тоа го привлече вниманието на европските клубови да наддаваат за неговите услуги.

Познатиот италијански новинар Џанлука Ди Марсио откри дека клучна улога одиграл бившиот директор на Милан, Звонимир Бобан кој испратил снимки од игрите на Станковски за да го запознае со неговиот квалитет.

Татко му на Лука, Горан Станковски во разговор со ММС потврди дека е пријател со Бобан, но не ги открива деталите од преговорите затоа што тоа го побарале од Монца и од менаџерскиот тим.

„Став на клубот е да не се откриваат детали. Можам само да кажам дека за Лука имаше огромен интерес од клубовите од петте најсилни европски лиги. Го бараа Наполи, Фенербахче. Монца како и сите екипи си има свои скаути кои ги следат фудбалерите кои ги сакаат. Сигурно го гледале Лука на сите натпревари и не е изваден заклучок само од видеото со најдобрите моменти. Овој клуб беше најупорен во преговорите. Одлучивме дека тим од Серија Б ќе биде отскочна даска за кариерата на Лука, односно таму ќе се развива фудбалски правилно. Не го избравме клубот поради финансиите“, истакна Горан Станковски.

Работнички и Монца веќе го потпишале договорот во кој е договорено и обештетувањето, а за личните услови Горан Станковски рече дека нема да брзаат и дека има време да се финализираат деталите.

Лука има 18 години и добро се справува со притисокот од скаутите и интересот од речиси цела Европа. Засега тој сака само да игра и да дава се од себе за да прерасне во одличен фудбалер.

„Иако има 18 години, досега одлично се справува со ова. Јас му реков да се концентрира само на фудбалот и да мисли само на теренот. Притисокот го земав врз себе и му реков дека јас ќе се грижам за работите надвор од теренот со цел тој да биде фокусиран само на фудбалот“, додаде Горан Станковски за својот син Лука кој во Италија е споредуван со ѕвездата на Лацио, Стефан Милинковиќ-Савиќ.

Орце Костов

фото: Facebook, HaberTiki


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.