ММС

Објавено на: 02/18/21 2:34 PM

ДИК што побрзо да ги направи апаратите со отпечаток на прстот, повика Заев

Премиерот Зоран Заев по денешната средба со средношколците на која беше постигнат компромис за државната матура, апелираше и до Државната изборна комисија што побрзо да започне постапка за набавка на апарати за отпечаток од прстот.

“Апелирам ДИК да ја започне постапката што побрзо затоа што ова решение стои во Законот. Ќе направиме се што зависи од нас. Зборував и со министерот за финансии кој кажа конкретно дека во буџетот има пари, а ако недостастуваат, ќе се направи ребаланс, затоа што имаме законска можност. Дадовме писмено одобрение од страна на финансии за да може Државната изборна комисија да почне постапка за набавка на апаратите. Јас кога бев во опозиција ги барав овие апарати, а сега не можам да речам дека не ни требаат“, рече Заев.

Тој смета дека за осум месеци колку што се останати до локалните избори, може да се набави оваа технологија, а министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му посочил дека се подготвени целата база да ја дадат на ДИК.

Заев го коментираше и ставот на претседателот Пендаровски кој не се согласува со предлогот во личната карта да се впише и етничката припадност.

„Тоа е врвот на демократијата. Логично е да имаме различни ставови понекогаш. Добро е што претседателот ќе испочитува ако мнозинството во Парламентот одлучи да го донесе законот и да го потпише указот. Претседателот е прв во државата и неговиот став е вреден за внимание. Сепак, овој предлог на БЕСА произлезе пред неколку години кога почна процесот на уставните измени. Тогаш ние тоа го прифативме. Личната карта е документ за идентификација, а живееме во мултиетничко општество. Кога помалите етнички заедници се гласни, ние не треба да останеме неми“, истакна Заев кој лично нема проблеми ниту со идејата да му се даде можност на секој граѓанин сам да одлучи дали сака во личната карта да му стои етничката припадност.

 

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.