ММС

Објавено на: 02/18/21 11:31 AM

Речиси 40 илјади граѓани над 70 години изразиле интерес за вакцинација против КОВИД-19

Преку веб-страницата „Vakcinacija.mk” 55.970 лица ја пополниле формата за аплицирање преку искажување на интерес за вакцинација против КОВИД-19. Преку матичниот лекар, за вакцинација се пријавиле 29.209 лица. Од оваа вкупна бројка, 38 илјади лица над 70 години се пријавени за вакцинација, соопшти денеска Министерството за здравство.

Вчера, со вакцинација на 202 здравствени работници почна имунизацијата во земјава. Согласно направениот план за вакцинација на здравствените работници, први се вакцинираат медицинските лица кои работеле или работат со КОВИД пациенти од инфективната клиника, ГОБ „8 Септември”, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Од следната недела вакцинацијата ќе почне и кај здравствените работници во болниците низ државата, како и приватните болници.

Со ова, нашата земја ќе биде една од ретките земји во Европа во која ќе ја имаат примено вакцината против КОВИД-19 сите здравствени работници кои лекувале пациенти позитивни на коронавирусот – додаваат здравствените власти.

Во текот на следната недела, во Северна Македонија се очекува да пристигнат и другите количини од Србија.

До крајот на февруари, се очекуваат да пристигнат и 200-те илјади вакцини од Народна Република Кина.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.