ММС

Објавено на: 02/18/21 10:38 AM

Тодоров ги избра најдобрите 12 кошаркари со кои ќе настапи денес со Италија

По утринскиот шутерски тренинг, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров ги избра дванаесетте кошаркари кои ќе влезат во официјалниот записник за средбата со Италија која се игра денес во Перм со почеток од 15.30 часот по македонско време.

Тодоров имаше неколку дилеми кои ги отстрани после одработените 45 минути тренинг и се одлучи за натпреварот против Италија да им укаже доверба на следните играчи: Дамјан Робев, Андреј Митревски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски.

На некој од следните натпревари шанса ќе чекаат Лука Савиќевиќ, Виктор Ефремовски и Филип Бакоч.
„По точно една недела од првиот собир, од денеска ја почнуваме серијата од четири натпревари во период од пет дена. За нас ова е прв натпревар по пауза од точно една година. Се надевам дека ќе покажеме дека можеме да се ‘носиме’ со најсилните европски репрезентации како што беше случај минатиот февруари против Русија. Но во исто време и да потврдиме дека мечот со Естонија на домашен терен беше само лош ден“ – вели Тодоров.

Италија ќе настапи некомплетна поради отсуството на главните ѕвезди кои играат во НБА и Евролигата, но и со ваков состав се работи за моќна репрезентација која претходно ги победи Русија и Естонија.

Предводникот на нашиот сениорски состав добро ја познава италијанската селекција:

„Оваа нова генерација на Италија игра многу брза кошарка. Транзицијата и шутот за три поени ѝ се најсилно оружје. Дела Вале и Ричи се носители на нивната игра.  Двајца кошаркари на кои треба да посветиме најголемо внимание“- смета Тодоров пред дуелот кој стартува од 15.30 часот во „Молот“ Арената во Перм.

Италијаните се домаќин на Евробаскет 2022 и играат без притисок во овие квалификации, а ние за пласман на европско првенство мора да бидеме подобропласирани од Русија или Естонија на конечната табела.

Утре Македонија ќе се сретне со Русија, па следува еден ден одмор. В недела играме повторно со Италија, а во понеделник со Естонија од која во Скопје загубивме со девет поени разлика.

фото: kfsm.mk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.