ММС

Објавено на: 02/18/21 8:47 AM

Oсмани на работни средби со државниот врв во Србија

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денес, ќе оствари работна посета на Република Србија.

За време на посетата, покрај средбата со својот хомолог, министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, Османи ќе биде примен од претседателот на Србија Александар Вучиќ и ќе оствари средби со претседателот на Народната Скупштина Ивица Дачиќ и со претседателката на Владата Ана Брнабиќ.

На средбите ќе се разговара за состојбата со билатералните односи, можностите за нивно интензивирање и продлабочување со нови форми и содржини од заемен интерес, посебно во областа на економијата и трговската размена, во која веќе Република Србија претставува наш значаен партнер.

Воедно, соговорниците ќе разменат мислења во врска со актуелните  состојби во нашиот регион, регионалната соработка, како и предизвиците и перспективите на државите во однос на процесот на интеграција во европските и евроатлански структури и можностите за соработка и меѓусебна координација.

Во услови на сложена пандемија и започнување на процес на вакцинација, ќе бидат разгледани напорите и активностите на двете влади во справувањето со последиците и ограничувањата во борбата со вирусот Ковид19, како и меѓусебната соработка и координација на тој план.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.