ММС

Објавено на: 02/17/21 6:10 PM

(ВИДЕО) Мбапе е човек од збор, ветувањето кон Покетино исполнето на „Ноу Камп“

Барселона вчера во првиот меч од 1/8 финалето на Лигата на Шампионите се посрамоти против Париз Сен Жермен. Или, Париз Сен Жермен ја посрамоти Барселона на „Ноу Камп“ и скоро па сигурно си закажа 1/4 финале во најпрестижното европско клупско натпреварување.

Екипата предводена од поранешниот тренер на Тотенхем и Еспањол едноставно претставуваше преголем залак за некогашниот истрошен и анемичен освојувач на популарниот „ушко“.

А за Каталонците сè започна како што треба. На средината на првото полувреме Лајвин Курзава направи прекршок во својот шеснаесетник кој Бјорн Куиперс го окарактеризираше како фаул и удар од 11 метри. Лео Меси не ја пропушти приликата да го отвори резултатот и го совлада некогашниот голман на Реал Мадрид, Кејлор Навас. Од тој момент до самиот крај, ПСЖ демонстрираше сила и се наметна како еден од главните фаворити за освојување на трофејот во сезоната 2020/21.

Гостите од Франција на крилјата на фантастичниот Килијан Мбапе му одржаа лекција на далеку подекорираниот опонент. Мбапе вчера на „Ноу Камп“, нескромно, се појави и го презеде приматот на Кристијано Роналдо и Лео Меси. Францускиот напаѓач е предводникот на новата генерација фудбалери кои се кроени за големи нешта.

Во 32-та минута Мбапе за првпат по додавањето на Верати се запиша во листата на стрелците и го врати резултатот на почеток. Светскиот првак со „галските петли“ не застана и во 65-та минута повторно го пронајде патот до мрежата на Тер Штеген. Пет минути подоцна Моисе Кеан по одличниот центаршут на Леандро Паредес го удвои водството на парижани, додека во 85-тата минута Килијан Мбапе оствари хет-трик и стави крај на мизеријата на клубот од Шпанија.

Аргентинскиот стратег на чело на ПСЖ, Маурисио Покетино, изрази огромно задоволство по неверојатната и по малку неочекувана висока победа и на јавноста им откри интересни детали од тренингот на францускиот шампион. Во пресрет на двобојот, Килијан Мбапе во неформален разговор го запрашал Покетино дали и колку пати ја има поразено Барселона. Покетино одговорил дека има неславен биланс против нив на „Ноу Камп“, а она што следувало од брзоногиот напаѓач го изненадило човекот кој го замени Томас Тухел на жешкото столче.

 

-Килијан се чувствуваше самоуверено пред мечот и на тренинг ме праша колку пати имам победено во кариерата на „Ноу Камп“. Јас му одговорив само еднаш, со Еспањол. Тој ме погледна и ми рече дека утре ќе победа по вторпат. Затоа е топ фудбалер, изјави Покетино.

 

 

 

 

Фото:

en.as.com

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.