ММС

Објавено на: 02/17/21 4:55 PM

Пописот ќе се одржи во април, нема одложување, вели Ахмети

Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска истакна дека пописот закажан за во април ќе се одржи и оти нема никакви причини за негово одложување.

-Досега нема никаква промена и пописот ќе се одржи на почетокот на април. Ова е статистички чекор, чекор што треба да се направи бидејќи се бара од меѓународните организации како Евроската унија и ЕУРОСТАТ за да имаат точни статистички информации како институции во ЕУ, рече Ахмети, во одговор на новинарско прашање, на свечената академија по повод независноста на Република Косово.

Како што рече Ахмети, предвремени парламентарни избори не се во интерес ниту на државата, ниту на партнерството.

-Што се однесува до предвремените избори сметам дека се организираат во случаи на кризи, нефункционирање на Парламентот, блокирање на институциите, такво нешто нема и ниту во иднина мислам дека нема да има, бидејќи не се во интерес ниту на државата, а ниту и на партнерството во овој случај, рече Ахмети.

Ахмети истакна дека парламентарното мнозинство функционира во рамките на нормалноста и оти не се разговара за реконструкција на Владата.

Околу тоа дали се очекува кадровски промени внатре во ДУИ до владиниот кабинет, Ахмети рече дека тој е личност што ја поддржува слободната мисла и на крајот за се одлучува мнозинството на органите на партијата, со консензус или со мнозинство на партиските органи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1