ММС

Објавено на: 02/17/21 4:47 PM

Гасификацијата во Штип застана на планска документација, обвинува советничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во штипскиот Совет, денеска на прес-конференција обвини дека помпезните ветувања на СДСМ за создавање на енергетски ефикасна општина паднаа во вода откако на денешната седница на Советот беше поднесена Предлог -програмата за енергетска ефикасност за 2021 г., последна до истекување на мандадтот на претстојните локални избори.

„Од Програмата може да се види дека долгонајавуваната гасификација била планирана и реализирана, но само на ниво на планска документација. Во Програмата за ефикасност за оваа година каде треба да биде застапен делот за реализација на ветеното, гасификација воопшто нема.Од приложеното исто може да се заклучи дека воопшто не се размислува ниту за реализација на енергетски ефикасните фасади за станбените згради на најголемите населби во Штип, кои беа ветени во кампањата 2017. За потсетувања, тогашните ветувања беа поткрепени и со присуство на претставници од централната власт, како би биле поуверливи,“ изјави на прес-конференцијата советничката на ВМРО-ДПМНЕ Христина Серафимовска

Според дадените ветувања требало да се обезбеди идеална, модерна и енергетски ефикасна Општина по примерот на западните земји, која ќе генерира заштеди на електрична енергија и ќе го зголеми квалитетот на живот на граѓаните и низа подобности на бизнис секторот.

„Она што оваа власт го нуди како замена за ветеното се интервенции во кровот на некои од училиштата и енергетски ефикасно осветлување, кои впрочем беше дел од активностите уште на претходната власт на ВМРО ДПМНЕ,“ потенцира Серафимовска.

Реагираа од општината.
„Она што беше ветено од страна на општината за обезбедување на документација за гасификација е целосно реализирано односно обезбедена е целата планска документација врз чија основа треба да започне и реализацијата на овој значаен проект“, се вели во соопштението од општината.

Од тука додаваат дека само оваа година извршена е целосна промена на кровот на училиштето Тошо Арсов и ЕМУЦ, а во  наредниот месец ќе се започне со  промена на кровот на училиштето Гоце Делчев. Исто така на овие училишни објекти се поставени енергетски ефикасни фасади, а истата ќе биде поставена и на училиштето Гоце Делчев.

„Ќе продолжиме и понатаму да ја реализираме нашата програма ветена пред граѓаните, да реализираме проекти и Штип да биде развиен и модерен град,“ се додава во соопштението.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.