ММС

Објавено на: 02/17/21 2:46 PM

Ја турнал бремената сопруга од карпа за да добие пари од осигурувањето

Маж од Турција позирал со својата бремена сопруга за романтична фотографија на врвот на карпа, а потоа ја турнал за наводно, да побара пари од нејзиното животно осигурување.

Хакан Ајсал (40) е уапсен поради убиство на својата сопруга Семре Ајсал (32) и нивното неродено бебе додека биле на одмор во Долината на пеперутките во градот Мугла во Турција.

Ајсал својата сопруга, која во тоа време била во седмиот месец од бременоста, наводно ја турнал од врвот во јуни 2018 година.

Во обвинението се наведува дека убиството било планирано затоа што Хакан пред самиот грозоморен чин во нејзино име склучил осигурителна полиса во случај на незгода со премија од 400.000 турски лири или околу 47.500 евра, а тој бил единственото ополномоштено лице.

Обвинителите сметаат дека единствената причина поради која три часа седеле на карпата било тоа што сакал да се осигура дека нема никој во нивна близина. Ајсал штом сфатил дека се сами, намерно ја турнал својата сопруга.

Тој набрзо побарал исплата на осигурувањето, но налогот му бил одбиен кога полицијата започнала истрага.

Судот пресудил да му се одреди притвор поради убиство со умисла.

“Кога бевме во Заводот за судска медицина, Хакан седеше во автомобилот. Ние бевме уништени, а тој не изгледаше воопшто тажен“, рекол братот на убиената.

Обвинетиот негира дека е одговорен за нејзината смрт и дека знаел за членот во осигурителната полиса според ккој тој бил единствен наследник на парите.

“По фотографирањето мојата сопруга го стави телефонот во ташната. Подоцна ме замоли да и го дадам телефонот. Станав и слушнав како сопругата вреска зад мене додека се оддалечив неколку чекори назад за да го извадам нејзиниот телефон. Кога се свртев неа ја немаше. Не ја турнав својата сопруга“, изјавил Хакан.

 

извор и фото: Dailymail.co.uk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.