ММС

Објавено на: 02/17/21 1:26 PM

Бајден: „Уморен сум од зборувањето за Доналд Трамп“

Американскиот претседател, Џо Бајден, изјави дека е уморен од зборувањето за неговиот претходник Доналд Трамп и дека е време повеќе да се зборува за благосостојбата на американскиот народ, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Бајден во интервју за „Си-ен-ен“ зборуваше за актуелната ситуација во САД, со акцент на борбата против пандемијата на Ковид-19, и ги повика Американците да веруваат на новата администрација во Белата куќа.

„Администрацијата на Трамп не направи адекватни подготовки за вакцинацијата и ние по доаѓањето на власта затекнавме само неколку вакцини. Со постигнатиот договор обезбедивме до јули оваа година да имаме 600 милиони дози вакцини против Ковид-19. Тоа значи дека ќе имаме вакцина за секој граѓанин“, изјави Бајден.

Повикувајќи ги граѓаните да се вакцинираат, Бајден изрази уверување дека до крајот на оваа година епидемиолошката слика во САД ќе биде значително подобра.

Администрацијата на Бајден најави дека за помош на економијата ќе обезбеди фонд од 1,9 трилиони долари, а тој изјави дека финансиската помош ќе биде насочена и на поединци и на мали и средни претпријатија.

На прашањето да го коментира започнатиот процес на отповикување на поранешниот претседател Трамп, Бајден изјави дека сите би требало да престанат да зборуваат за него.

„Во текот на изминатите четири години во сите вести беше Трамп. Во наредните четири години вестите ќе бидат за американскиот народ. Се уморив од зборувањето за Трамп“, изјави Бајден.

Критикувајќи ја и мигрантската политика на администрацијата на Трамп, Бајден изјави дека ќе биде започнат процес на постепено решавање на прашањето за државјанството за 11 милиони нелегални мигранти во САД.

Тој исто така најави дека горниот лимит за прием на бегалци ќе биде вратен на 125.000, што администрацијата на Трамп претходно го намали на 5.000.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.