ММС

Објавено на: 02/17/21 12:02 PM

Со вакцините ќе ја патосираме епидемијата оваа година, рече д-р Добринка Наунова Јовановска, која прва се вакцинираше

Првата вакцина во Македонија против Ковид-19 ја прими д-р примариус Добринка Наунова Јовановска, субспецијалист за неуроинфекции од Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби.

Јовановска ја прими првата доза од вакцините на производителот Фајзер кои во неделата пристигнаа како донација од Србија.

Вакцинацијата почна во 10 часот во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести.

 

Д-р Добринка Наунова Јовановска се пријавила електронски да се вакцинира, но не очекувала дека таа ќе има можност прва да ја прими дозата. После вакцинирањето за ММС истакна дека се чувствува добро.

“Јас се пријавив електронски за вакцинација. Не влијаев на распоредот за имунизација кој се направи во меѓувреме. Требаше некој од Инфективна клиника да се вакцинира чисто како симболика и за да испратиме порака дека со почнувањето на овој чин ќе го забавиме процесот на ширење на пандемијата“.

Јовановска не сака да влегува во дискусија со луѓето кои сметат дека вакцините се штетни по здравјето затоа што таа и колегите за една година преживеале многу за овие година дена колку што трае пандемијата и борбата со Ковид-19 на Инфективната клиника.

“Ние инфектолозите многу добро знаеме што значи овој вирус и низ што се поминавме овие година дена, па малку ми е дегутантно да ги слушам, а не да дискутирам за луѓето кои се противници на вакцинирањето. Тоа се луѓе, учени но не доучени, па се дискутира нешто што не го познавате. Ако навлезете комплетно во вирусологијата, имунологијата и знаете што се случува во организамот при таков вирус. На почетокот не знаевме што се случува со вирусот, но сега имаме познавања. Не сум компетентна за прогресијата на намалување на заразата. Ако се спроведе имунизација, јас верувам дека ќе застане, ќе ја патосираме епидемијата оваа година“, истакна Јовановска.

 

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.