ММС

Објавено на: 02/17/21 12:00 PM

Македонците не го „заразија Врање со корона“ ниту „се жалат Србите“

Впечаток дека исклучиво македонските граѓани се виновни што српскиот град Врање станува ново жариште на корона вирусот во Србија, се стекнува по пишувањето на некои од македонските медиуми. Изјава на епидемиолот од Врање е пренесена во текстови со вакви наслови: „Македонците носат корона во Врање, се жалат во Србија“, „Српски епидемиолог: Македонците го заразија Врање, во градот сѐ повеќе заболени од коронавирусот“, „Македонците го заразија Врање, во градот се’ повеќе заболени од ковид тврди српски епидемиолог“.

Во овие текстови од 16-ти февруари, пренесена е изјава од 11-ти февруари од програмата „Белградска хроника“ на српскиот јаен сервис РТС, на епидемилогот од Врање, Бранислав Тиодоровиќ, кој одговара зошто има значаен пораст на новоинфицирани со корона вирусот.

Македонските медиуми во своите текстови пренесуваат дека епидемиологот смета оти причина е опуштањето на луѓето, но и како што пишуваат, „инвазијата од македонски граѓани“.

Опуштањето на локалното население, но и инвазијата од туристи од Македонија, посебно во викендите, се посочени како главни причини за зголемениот број на нови случаи на Ковид-19 во Врање“.

При тоа, порталот Експрес пренесува дел од изјавата на епидемилогот Тиодоровиќ.

Не само што е турканица во „Лидл“, во што можев и лично да се уверам, туку голем број гости од Северна Македонија доаѓаат во угостителските објекти во Врање. Мерките мора да се однесуваат на сите, па и на странските државјани. Добро е и корисно и за трговците, и за државата што доаѓаат луѓе од таа држава, но мораме да се чуваме од тоа“, предупреди за Радиотелевизија на Србија епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ по посетата на Кризниот штаб во Врање (Експрес).

Што всушност кажа епидемилогот од Врање?

Тиодоровиќ во вклучувањето на РТС, вели дека прва причина за наглото зголемување на бројот на новозаразени се должи на опуштањето на луѓето, вклучувајќи ги и тие што се најдисциплинирани, кои поради повисоките температури, излегуваат да прошетаат. Втор фактор е, како што вели епидемиологот, „масовното доаѓањето на македонските државјани“.

Не е специфично само за Врање, туку за сите наши погранични градови, оние градови кои имаат доста добри продавници, како што е тоа „Лидл“ во Врање и тогаш од македонска страна, државјаните на Северна Македонија доаѓаат масовно“, вели епидемиологот Тиодоровиќ, дополнувајќи ја изјавата со делот што го пренесуваат македонските медиуми. Уште додава дека дополнително враќањето од зимување на граѓаните на Врање и раздвиженост на учениците, кои биле на зимски распуст се исто така фактори, кои влијаат.

Епидемиологот никаде во изјавата не зборува за „инвазија на македонски туристи“,  ниту пак се „жали дека Македонците носат корона“ или кажува дека „Македонците го заразија Врање“, туку дека се еден од факторите.

Овие текстови се само еден дел од текстовите со изјави од изваден контекст, каде потоа се преобјавуваат од медиум на медиум, без да се побара и провери изворноста на цитираната изјава. Со вака пренесената изјава се дезинформира, а особено со насловите може да се предизвика говор на омрза и нетпреливост кон цел еден народ.

Авторите на овие текстови го прекршиле Кодексот на новинари, каде во член еден стои:

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Во принципите на информирање од Кодексот, пишува: „Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни“.

Според тоа, никој не кажал дека македонските државјани  „Македонците носат корона во Врање“, ниту го „заразиле градот“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.