ММС

Објавено на: 02/16/21 9:07 PM

ОФИЦИЈАЛНО: Лука Станковски од Работнички во Монца кај Галијани

Еден од најголемите таленти во македонскиот фудбал, играчот на Работнички, Лука Станковски, од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот второлигаш со огромни амбиции, Монца.

Двата клуба ги договориле и последните детали околу трансферот што ќе се оствари во летниот трансфер преоден рок.

Од скопскиот клуб објаснуваат дека одлуката е донесена заеднички со Лука и неговите родители и изразија задоволство поради фактот што продолжуваат со создавање на талентирани и млади фудбалери кои прават амбициозни трансфери во странство.

-Горди сме што може да објавиме дека еден од најталентираните македонски фудбалери Лука Станковски од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот клуб Монца. Двата клуба ги договорија деталите за трансферот што треба да се реализира во летниот преоден рок. Можам да кажам дека имаше многу понуди за Лука Станковски, но донесовме заедничка одлука со фудбалерот и со неговите родители, Монца да биде идниот клуб, каде ќе продолжи да се развива и да се надградува. Среќни сме што Работнички успешно ја продолжува стратегијата за реализација на трансфери на млади и талентирани фудбалери во странство и горди што во еден исклучително тежок период на глобална пандемија на коронавирусот, Работнички оствари два трансфери, Давид Тошевски во Ростов и Лука Станковски во Монца, изјави претседателот Драган Поповски.

Станковски до крајот на кампањата 2020/21 ќе игра за „Романтичарите“, а веќе од следната сезона можеби и ќе дебитира во Сериа А, со оглед на поволната позиција на тимот-проект од поранешниот спортски директор на Милан, Адриано Галијани.

 

 

 

 

Фото:

fkrabotnicki.mk

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.