ММС

Објавено на: 02/16/21 7:47 PM

Обвинителството бара максимални казни затвор за Мијалков, Грујоски и Николиќ

Покрај сите пречки со кои се соочуваше во истрагата за случајот „Таргет-Тврдина”, како што се криење и недоставување на докази за чие обезбедување постоеја и судски наредби, системска и судска поддршка во опструкции на истрагата, уништување и бришење на докази, влијание на сведоци, иницирање на постапки против обвинителите, Обвинителството успеа да докаже дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат, рече обвинителката Ленче Ристовска, во завршните зборови за главниот предмет за незаконското прислушување кое се вршело од 2008 до 2015 година.

Обвинителството, му предложи на Судот, обвинетите да ги огласи за виновни и да ги осуди согласно закон, а при определување на видот и одмерување на висината на кривичната санкција да ги има во предвид олеснителните и отежнителните околности во случајот, нагласувајќи дека за жал се работи за кривичен настан во кој преовладуват отежнителните околности за обвинетите лица, со оглед на големината на повредата на уставно загарантираните права и слободи, како и приватноста на личниот и семеен живот на корисниците на телефонските броеви кои биле незаконски следени.

– Имајќи ги предвид последниците од кривичните дела и импактот кој овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени, така и на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујоски и Надица Николиќ, како создавачи на групата, да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар, изјави Ристовска.

Во однос на ништењето на системот за следење на комуникациите, Ристовска рече дека судот треба особено да го следи износот на штета, што е нанесена со ваквите постапки на обвинетите и да изрече казни, со кои се постигнуваат целите на казнувањето.

– Притоа, сметаме дека Судот треба да ја цени осудуваноста на обвинетите Горан Грујоски, Гордана Јанкуловска и Валентина Симоновска, рече Ристовска.

Обвинителството, исто така, му предложи на Судот да не ја прифати одбраната на обвинетата Гордана Јанкуловкска, од причина што таа била должна како министер за внатрешни работи на законистоста на постапката за носење на Решение за формирање комисија.

– Дополнително обвинетата Јанкуловска како министер за внатрешни работи требало да го има предвид општествениот и политички амбиент во кој се спроведувала постапката за ништење на опремата во УБК и да се посомнева дека предмет на ништење може да бидат системите за следење на комуникаци, рече Ристовска.

Читајќи ја долгата листа на оштетени, за бројот на денови кои им била нарушена приватноста, обвинителството запраша, дали одговорните лица во институциите на системот, конкретно во УБК, не ја научија лекцијата од минатите искуства и повторно посегана по приватните животи на луѓето.

– Дали тоа што отсуствуваше правна разрешница и одговорност во претходните скандали со прислушкување е причина поради која ни се случи овој, трет најголем по обем скандал на прислушкување, во кој до крајна дрскост и безобзирност се поместени границите на почитување на правата на другите, изјави Ристовска.

Затоа, нагласи Ристовска, се додека дозволуваме да владее неказнивоста и се додека проштеваме без преземање на одговорност, ние потикнуваме нови и поголеми злоупотреби на системот.

Обвинителството, исто така, посочи дека Судот, не треба да ги прифати приговорите на одбраната дека за дел од обвинетите од страна на претседателот на Републиката е донесена одлука за нивни помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, од причина што одлуката за помилување од 14.04.2016 година е поништена, исто така, со одлука на претседателот.

Од клучните факти и докази презентирани на главната расправа, обвинителката Ристовска рече, дека Обвинителството неспорно докажало дека обвинетиот Горан Грујевски ги сторил кривичните дела „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување” и „фалсификување службена исправа”; обвинетиот Тони Јакимовски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување” и „фалсификување службена исправа”; обвинетата Гордана Јанкуловска сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”; обвинетиот Никола Бошковски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување” и „фалсификување службена исправа”; обвинетиот Сашо Мијалков сторил кривично дело „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување” и „примање награда за противзаконито влијание”; обвинетата Надица Николиќ сторила кривично дело „злосторничко здружување” и „злоупотреба на службената положба и овластување”; обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, сториле кривично дело „злосторничко здружување” и „злоупотреба на службената положба и овластување”, како и дека обвинетата Валентина Симоновска, сторила кривичнo делo „фалсификување службена исправа”.

Претставникот на Агенцијата за национална безбедност рече дека Агенција останува на имотно-правното побарување од 1.418.897 евра.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов.

Судењето по предметот започна на 22 декември 2017 година.

Следното рочиште е закажано на 19 февруари, кога завршни зборови треба да даде одбраната на обвинетите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.