ММС

Објавено на: 02/16/21 3:44 PM

Ако има потреба за реализација на дополнителниот сет средства ќе има ребаланс на буџетот, изјави Бесими

Доколку има потреба за реализација на дополнителниот сет средства ќе има ребаланс на буџетот. Буџетот го вклопува целиот петти пакет и дополнителните средства што беа најавени и се предвидува да се реализираат успешно до крајот на годината, а за тоа ќе има соодветен ребаланс, но не за брзо време, затоа што сега има средства за реализација во наредните месеци, односно во првата половина од годината, изјави денеска на прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими појаснувајќи од каде ќе бидат обезбедени средства за мерките.

– Петтиот сет мерки е продолжение на досегашните четири сета мерки, што се покажаа дека имаа придонес за ублажување на ефектите од кризата. Уште при носење на буџетот кога го проектиравме издвоивме 50 милиони евра средства како програма за Ковид, исклучиво за мерките и веќе петтиот пакет мерки според динамиката предвидува во рамки на тие 50 милиони евра да се реализираат во текот на првата половина од годината, зависно од тоа како ќе тече реализацијата на истите мерки што ги проектираме. Беше најавено и минатата година, како што ќе следи годината ќе имаме соодветна корекција на буџетот, односно ребаланс, доколку има потреба во реализацијата на дополнителниот сет средства, зависно од тоа како ќе течат економските движења. Ние сме во рамки на проекциите на ММФ, Светската банка и Европската комисија за тоа што ќе се случува во текот на годината, односно економските проекции, затоа во буџетот кога дадовме среднорочна рамка имавме проекции на оптимистичка и песимистика варијанта, појасни Бесими.

Според него, светот и официјалните меѓународни институции се уште се на оптимистичката варијанта, односно дека по месец март, со успешната реализација на динамиката на вакцината на светско ниво, а тоа и кај нас, во втората половина од годината може да се очекува раст.

– И затоа мерките се дизајнирани како што беше најавено и од страна на премиерот, а и претходно, дека покрај поддршка на стопанството за ублажување на ефектите од кризата се фокусираат кон поддршка на растот и закрепнување на економијата, истакна Бесими. 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.