ММС

Објавено на: 02/16/21 10:49 AM

Скандинавија ужива во авантурите на Зоки Поки

 

ТВ-серијата Зоки Поки е првата македонска серија и воопшто програма што некогаш се емитувала во две скандинавски земји, Шведска и Норвешка.

По најавата за емитувањето во Шведска, пристига и најавата за емитување во Норвешка, на Норвешката национална телевизија NRK.

„NRK е јавен сервис, но и најгледаната телевизија во Норвешка. Од медиумот велат дека речиси секој жител на Норвешка користи барем еден од нивните сервиси во текот на денот. За „Зоки Поки“, тоа значи потенцијал за особено широка гледаност. Претстојното емитување на „Зоки Поки“ во Шведска и Норвешка е од историско значење за македонската кинематографија. Досега, немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете земји во Скандинавија“, соопштија од продукцијата Кино Око.

Заслугите за емитувањето во Скандинавија се на дистрибутерот Videoplugger од Лондон кој го препознал потенцијалот на македонската серија.

„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. Емитувањето на NRK, сервис кој е светски познат за квалитетот на продукциите, е доказ за тоа дека бевме во право и дека Зоки Поки ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануел Галони, извршен директор на „Videoplugger“.

„Кога прв пат ја гледав ʻЗоки Покиʼ, бев прилично сигурен дека ова ќе биде соодветна серија за ʻNRKʼ. Приказните од Северна Македонија имаа универзален карактер и мислам дека децата од Норвешка ќе се поврзат со нив. Тие се топли и смешни, кастингот е одличен, а квалитетот на продукцијата е навистина добар“, вели Кере Снипсјор, директор за набавка на програма во NRK.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.