ММС

Објавено на: 02/16/21 10:25 AM

До 2050 година земјава ќе биде пустина ако не се почитува зеленото сценарио, реагираат од Еко-Свест

„Зеленото сценарио значи праведна транзиција, соработка со граѓаните, а не гола имплементација на меѓународните регулативи, ако ова не се почитува до 2050 земјава ќе стане пустина„, реагираа од Центарот за истражување и информирање за животна средина, Еко-Свест на вчерашната прес-конференција на која Владата потпиша договор за грант за обновливи извори со германската банка за развој.

„Доколку долгорочната визија ни е енергетска транзиција и премин кон обновливи извори на енергија како и 51% намалување на емисиите на стакленички гасови, зошто слушаме изјави за продолжување на рокот на траење на РЕК Битола и гасификација на државата? Ваквите проекти само ќе ни ги заробат инвестициите во фосилни горива за чие согорување по 2030 ќе трпиме сериозни финансиски загуби, а истите ќе продолжат да причинуваат штети по здравјето на луѓето и климата дополнително осиромашувајќи нè, иако потпишувањето на договорот за грант со KfW потврдува дека имаме и други опции, меѓу кои соларна топлана, кои во иднина ќе ги истиснат фосилните горива. Најавите за скапиот десулфуризатор ги слушаме со години, знаејќи дека е нереална инвестицијата во ваков филтер додека се планира затворање на РЕК Битола“, соопштија од Еко-Свест.

Според нив, праведна транзиција, за што вчера зборуваше и премиерот Зоран Заев, значи обезбедување на алтернативен економски развој за регионите зависни на јаглен надвор од индустријата со јаглен.

„Затоа, најавувањата на нови вработувања во енергетскиот сектор како што слушнавме во обраќањето се нереални и популистички, но се и спротивни на праведната транзиција. Нашите анализи покажуваат дека Кичевскиот и Битолскиот регион имаат уникатни можности за економски раст и развој надвор од индустријата со јаглен, но планот за праведна транзиција мора да потекне од работниците во локалните заедници. Затоа, не сме убедени дека на државниот врв му е јасно што всушност претставува праведната транзиција и како да ја спроведат. Во климатската криза во која живееме, сè почесто се соочуваме со сушни периоди, а поради изградбата на малите хидроцентрали губиме вода за пиење и вредни предели и биодиверзитет. Затоа е оправдано што Владата во својата Програма за работа во делот на животната средина планира да воведе забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. Но, Премиерот на прес конференцијата се обрати со комплетно спротивен став, нарекувајќи ги овие проекти како „најеколошки од сите останати еколошки проекти“, сметаат од здружението и очекуваат поголема посветеност на државниот врв и инстутициите за спроведување на активностите од зеленото сценарио.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.