ММС

Објавено на: 02/16/21 9:55 AM

Сезонава само 539 заболени од грип што е за 92,5% помалку од лани

Во сезоната 2020/2021 вкупниот број на заболени од грип изнесува 539 што е за 92,5% помалку во споредба со истиот период лани и 94,5% помалку во однос на сезонската крива, информираше Министерството за здравство.

Најголем број на заболени се регистрирани во возрасната група од 15 до 64 години, вкупно 228 случаи, а највисокат инциденца е регистрирана кај децата на возраст од 0 до четири години.

Во петтата недела од оваа година биле пријавени 45 случаи на заболувања од грип или слични на грип. Заклучно со петтата недела биле вакцинирани 39.488 лица против сезонски грип, од нив 28.922 се вакцинирани со бесплатна вакцина, а останатите се вакцинирале со комерцијални вакцини.

Вакцинацијата против сезонски грип почна на 10 ноември 2020 година и се спроведува во сите здравствени домови и Општи болници, како и во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици.

Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лицата кои спаѓаат во ризични групи согласно препораките на СЗО: постари лица над 65 години, деца на возраст од 6 до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

За оваа сезона Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во количина од 40.000 дози наменета за приоритетните групи население.

Според извештајот на Flu News Europe објавен за четвртата недела од 2021 фосина, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво низ европскиот регион. Спорадично се детектираат Инфлуенца А и Инфлуенца Б, кај 35 земји интензитетот е на базично ниво, две се со низок, а една со висок интензитет.

Мерките за заштита од Ковид-19 вирусот низ цела Европа и кај нас придонесоа да се намали бројот на заболени и на пациенти од сезонски грип.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.