ММС

Објавено на: 02/16/21 7:25 AM

Утре почнува вакцинацијата против ковид-19, до крајот на месецот се очекуваат и кинеските вакцини

Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почнува утре, и тоа најпрвин со вакцинирање на здравствените работници од Инфективната клиника во Скопје. Надлежните потврдија дека подготовките за масовното вакцинирање се во тек, а до крајот на месецов се очекува да пристигнат и кинеските вакцини. Вакцинацијата ќе почне во среда во 10 часот, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Министерството за здравство соопшти дека пунктот во модуларната болница каде има шест вакцинални позиции ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.

Националниот систем до ковид-центрите низ државата во текот на вчерашниот ден испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите.

Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Првата вакцинацијата ќе се изврши со 4680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, донирани од Србија. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини, ќе се врши дистрибуција низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.

Како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението.

Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.

Надлежните најавија дека до крајот на февруари се очекува да пристигнат кинеските вакцини.

Според премиерот, Зоран Заев кинеската вакцина против Ковид-19 е во постапка на договарање и регулирање.

По релативно високите бројки на новорегистрирани случаи на ковид-19 кои во изминатите седум дена дена се движеа меѓу 180 и 416, вчера беше забележано намалување и на бројот и на процентот на новозаразени. Беа потврдени 51 нов случај од направени 755 тестови, што е 6,75 отсто.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.