ММС

Објавено на: 02/15/21 6:21 PM

„Самоопределување“ победи на изборите во Косово, Иса Мустафа поднесе оставка

На предвремените парламентарни избори одржани во Косово вчера (14 февруари), победи Движењето „Самоопределување“ предводено од Албин Курти, кое значително ги зголеми гласовите, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Според податоците на веб-страницата на Централната изборна комисија на Косово, преброени се 98,25 проценти од гласовите. Според неофицијалните резултати, од вкупно 1.794.862 запишани гласачи, правото на глас го искористиле 844.257 гласачи.

Движењето „Самоопределување“ победи освојувајќи 48,17 проценти од гласовите. Демократската партија на Косово (ПДК) освои 17,35 проценти од гласовите, Демократската лига на Косово (ЛДК) 13,18 проценти, додека Алијансата за иднината на Косово (ААК) 7,42 проценти. Српската листа на овие избори освои 5,24 проценти од гласовите.

Турската демократска партија на Косово (КДТП), која не е предмет на изборниот праг од 5 проценти бидејќи е малцинска партија, доби 0,78 проценти од гласовите, а Турската партија на иновативно движење (ЈТХП) 0,14 проценти од гласовите.

Според неофицијалните резултати, во Парламентот, кој брои 120 членови, Движењето „Самоопределување“ ќе има 56 пратеници, Демократската партија на Косово (ПДК) 20, Демократската лига на Косово (ЛДК) 15, додека Алијансата за иднината на Косово (ААК) ќе има 9 пратеници.

Во Парламентот Турците ќе бидат претставени со 2 пратеника, Бошњаците имаат 3 пратеници, Гораните 1, Ромите 1, Ашкалите 1, Египќаните 1 пратеник, а Ромите, Ашкалите и египетското малцинство ќе имаат плус уште еден пратеник.

Движењето „Самоопределување“ на парламентарните избори во 2019 година освои 25,49 проценти од гласовите и прогласи победа. Привлекува внимание тоа што на предвремените парламентарни избори 2021 година гласовите ги зголеми на 48,17 проценти.

Од друга страна, Демократската лига на Косово (ЛДК) на минатите избори освои 24,83 отсто од гласовите, а на овие избори процентот на освоени гласови се намали на 13,18 проценти.

Демократската партија на Косово (ПДК) на минатите избори имаше освоено 21,16 проценти од гласовите, а на овие избори освои 17,35 отсто.

Алијансата за иднината на Косово (ААК) во коалиција со Социјалдемократската партија на Косово освои 11,47 проценти од гласовите. На последните избори на кои учествуваше сама освои 7,42 проценти од гласовите.

Движењето „Самоопределување“, кое е основано во 2005 година во земјата, спроведува кампањи за социјални и политички промени засновани врз принципите на еднаквост, демократија, политичка слобода и социјална правда за секој граѓанин.

Движењето „Самоопределување“, кое е социјалдемократска партија, а исто така и албанска националистичка партија, за прв пат учествуваше на парламентарните избори во 2011 година и успеа да влезе во Парламентот.

Првиот свој успех Движењето „Самоопределување“ го постигна на локалните избори во 2013 година со освојување на неколку општини. Подоцна на изборите во 2017 година, и покрај тоа што беше најголемата партија, остана во опозиција.

Во 2019 година Движењето „Самоопределување“ освои најмногу гласови. Коалицијата што ја формираше со Демократската лига на Косово (ЛДК) траеше околу 2 месеца.

Претседателот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, стана 4-тиот премиер на земјата по независноста во 2008 година.

Курти е роден во главниот град Приштина на 24 март 1975 година. Во август 1997 година се приклучи на Здружението на независни студенти на Универзитетот во Приштина и организираше мирни протести со барање да се напуштат зградите и објектите на Универзитетот окупиран од српскиот режим.

Курти ја вршеше функцијата секретар на политичкиот претставник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Адем Демачи, за време на војната во Косово во периодот 1998-1999 година. Курти беше приведен од страна на српската полиција на 27 април 1999 година.

Со повлекувањето на српските сили од Косово на 10 јуни, Курти и 2.000 Албанци беа префрлени во српските затвори.

Курти беше ослободен на 7 декември 2001 година, како резултат на меѓународниот притисок.

Претседателот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, дипломираше на Универзитетот во Приштина на Факултетот за телекомуникации и компјутерско инженерство. Курти е оженет и има едно дете.

Инаку, претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа поднесе оставка на чело на партијата поради лошите резултати на предвремените парламентарни избори во Косово што се одржаа вчера.

Иса Мустафа по состанокот на Претседателството на ЛДК, соопшти дека се повлекува од позицијата претседател затоа што, како што рече, како претседател сноси објективна одговорност за изборниот резултат.

„Го информирав Претседателството дека ќе го свикам Собранието на ЛДК за избор на нов претседател за краток временски период. Според статутот имаме 60 дена да го сториме тоа, но ќе го сториме тоа многу побрзо, со цел ЛДК наскоро да добие нов претседател“, рече Мустафа.

Тој наведе дека сака да ја зачува ЛДК и да ја врати како силна политичка сила. Мустафа рече дека неговата партија нема забелешки за изборниот процес, додека гласот е волја на граѓаните. Иса Мустафа е на чело на ЛДК од 2010 година.

ЛДК на вчерашните избори го забележа најлошиот резултат досега со освоени само 13,12 отсто од гласовите, заземајќи го третото место.

Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на последните парламентарни избори во октомври 2019 година беше втора партија со 24,55 освоени гласови и имаше 28 пратеници во Собранието на Косово.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.