ММС

Објавено на: 02/15/21 5:45 PM

Тони Надал се сомнева во повредата на Новак Ѓоковиќ

Првиот Гренд Слем турнир во тениската календарска година влегува во самата завршница, која е интересна од повеќе аспекти, во теренот и надвор од него.

Повредата на Новак Ѓоковиќ на „мускулот на стомачниот ѕид“ на дуелот против Американецот, Тејлор Фриц, тема број еден е во Мелбурн. Некои сметаат дека првопласираниот на АТП листата лажирал повреда, иако во моментот кога Новак Ѓоковиќ се пожали за првпат водеше со 2:0 и се наоѓаше во завидна ситуација, додека пак другите сметаат дека повредата на српскиот тенисер може да биде сериозна и да претставува пречка за освојување на трофејот на „Аустралијан Опен“.

До последен момент беше неизвесно дали Ѓоковиќ ќе настапи во 1/8 финалето против Милош Раониќ. Стрикото на шпанскиот ас, Тони Надал, последен е во низата со коментари, би рекле несмасни коментари во однос на повредата на „домаќинот“ на овој турнир.

-Изненадувачки е тоа што на Ѓоковиќ му пречи повредата до таа мера што се сомнева дали ќе продолжи на турнирот, а потоа повредата преку ноќ ја нема. Нема да бидам јас тој кој ќе го доведува до прашање тоа дали неговите болки се вистински или не, тоа е нешто вообичаено кај спортистите. Но, тој веројатно крие помалку одошто би требало, изјави поранешниот тренер на Рафаел Надал за „Ел Паис“.

Ѓоковиќ во вторник во 1/4 финалето ќе ги вкрсти копјата со Александар Ѕверев околу 11 часот. Рафаел Надал пак, по победата на Фабио Фоњини од 3:0 (6:3, 6:4, 6:2) во 1/4 финалето ќе се судри со Стефанос Циципас во среда.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.