ММС

Објавено на: 02/15/21 2:00 PM

Заев е убеден дека ќе го задржи мнозинството во Парламентот

Премиерот Зоран Заев е убеден дека ќе го задржи, а може и да го зголеми мнозинството во Собранието и затоа предвремени парламентарни избори нема да има, одговараше тој на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

“Тука немам никакви дилеми. Напротив, поради исправноста на политиките, европските политики, за искрените намери, заради транспарентноста на работата… очекувам мнозинството од 62 пратеника да порасне во иднина. И да испратам  уште еднаш порака дека со пратеници со кои сме разговарале оти треба да продолжиме да градиме иднина заедно, и да застанеме зад ваквите проекти и подобрата иднина на целиот наш народ заедно. Значи очекувам да расте мнозинството, а немам никакви стравови дека ќе се изгуби тоа парламентарно мнозинство од 62 пратеника, рече Заев кој смета дека земјата треба да има редовни, а не предвремени избори а времето дотогаш да се користи за спроведување на реформите и реализација на владината програма.

Тој го повика лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски да го покаже мнозинството кое е за одлука за предвремени парламентарни избори.

Заев зборуваше и за акцискиот план за соработка со Бугарија кој треба да се усвои на втората меѓувладина конференција чиј термин на одржување треба да го договорат министрите за надворешни работи Бујар Османи и Екатерина Захариева.

„Очекувам многу брзо да се оствари средбата помеѓу нашиот министер Османи и министерката Захариева за да ја договорат првата меѓувладина конференција, заради тоа што овде немаме ништо спорно согласно Акцискиот план, односно секторскиот план за соработка кој што е дефиниран од нашите идеи и од бугарските кои што стигнаа до нас. Очекувам да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби, затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за Северна Македонија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањто на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања кои што верувам дека можеме да ги решиме час поскоро“, истакна Заев.

Премиерот изрази задоволство што ВМРО-ДПМНЕ ги поддрѓува измените на Законот за личните карти за етничка определба, но во исто време и жали што опозицијата преку непочитување на уставното име на земјата се обидувала да најде пречки и причини за блокирање на овие законски решенија.

Заев истакна дека дебатата за пописот била завршина и тој треба што поскоро да се спроведе и да се извлечат податоци кои ќе бидат важни за идното планирање во државата.

„Методологијата веќе е објавена и одговорени се сите прашања. Обврска, на секој граѓанин е да се попише. Има сериозни санкции за одбивањето, за давање одговори, односно непопишување со самиот попис. Тоа е граѓанска обврска кон државата и верувам дека сите ќе ја исполниме„, изјави Заев.

Заев потврди дека кинеските вакцини против Ковид-19 ќе стигнат до крајот на месецов, а дотогаш процесот на вакцинација ќе се одвива со 4680 вакцини кои Србија и ги донираше на Македонија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.