ММС

Објавено на: 02/15/21 1:29 PM

Грант од 2,4 милиони евра од Германија за обновливи извори на енергија

Грант во висина од 2,4 милиони евра наменет за енергетска транзиција од традиционалните кон обновливите извори на енергија доби денеска Северна Македонија од Германија.

Средствата ќе ги користи „Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ), а ќе бидат наменети за финансирање на изработката на физибилити студиите и студиите за влијанието врз животната средина за фотоволтаичните електрани во кругот на РЕК „Битола“, рехабилитацијата на шест големи хидроелектрани, ветерниот парк Миравци, модернизацијата и надградбата на комлексот на подружницата „Енергетика“ во Скопје, како и за соларната топлификација од РЕК „Битола“ до општините Битола, Новаци и Могила.

Договорот беше потпишан во Владата од страна на генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на  KfW банката за Северна Македонија и Косово, Рене Ешеман, а на чинот на потпишување присуствуваа и премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анка Холштајн.

– Со средствата ќе се финансира изработката на физибилити студиите, студиите на влијанието на животната средина и социјалните аспекти на проектите без кои ниту еден проект не може да се реализира на терен. Овие средства ќе ни помогнат да ја затвориме финансиската рамка за првите фази на одредени проекти, а тоа ќе го забрза темпото на нивната реализација, истакна генералниот директор на ЕСМ по потпишувањето на договорот.

Според премиерот Заев, со потпишувањето на денешниот договор земјава е еден чекор напред во исполнување на зацртаните цели од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и во имплементацијата на зеленото сценарио како најприфатливо за развој на државата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.