ММС

Објавено на: 02/15/21 7:00 PM

Скришум плачев кога ја видов Биле без коса и покриена со чаршав- Со самохраниот татко Даниел Пешевски за победата на неговата ќерка над ракот

Не поминал ниту еден месец од дочекот на 2017-та кога Даниел Пешевски од кратовското село Трновац сфатил дека остварувањето на желбите за здравје и благосостојба таа година нема да оди по планот. Тоа му го потврдило парчето хартија кое го држел во раце во вечерните часови на 29-ти јануари. Само еден лист хартија бил доволен за да му се сруши светот на овој самохран татко. И само едни детски очи биле доволни за да се потруди тој свет повторно да го изгради…

Февруари е месец кога бројни организации ширум светот организираат активности за зголемување на свеста за карциномот кај децата. Секоја година на 15-ти февруари светот се обединува во гласното зборување за болната вистина дека ракот не ги одминува ниту најмалите. Во 2017-та година две недели пред да се одбележи овој ден, осумгодишната Билјана Пешевска се вбројала во семејството на малите борци. Нејзиното лечење веќе е завршено, но предизвиците од болеста и понатаму се вгнездени во домот на семејството Пешевски. Како изгледа борбата со малигните клетки кога тие се наоѓаат во едно кревко детско тело раскажува таткото на Билјана. Преку искрениот разговор за ММС тој сака да даде поддршка на сите онколошки пациенти и нивните семејства, со една порака – не откажувајте се!

Речиси и да не било разденето кога ескалирала главоболката на малата Билјана, која веќе шест месеци се жалелка на болка, вртоглавица и мачнини. Нејзиниот татко ја однел во болницата во Кратово, каде докторите им дале упат за Куманово. Кумановските лекари само рекле дека детето не е за кај нив и дека под итно мора да се однесе во главниот град. Кога пристигнале на Детската клиника, малата Биле колабирала. Почнала да паѓа во кома, не го препознавала ни својот татко. Со цел да се утврди проблемот биле повикани лекари од повеќе специјалности, меѓу кои и очен лекар кој препорачал да се направи компјутерска томографија. Веќе во попладневните часови резултатите биле готови и токму тие направиле пресврт во животот на кратовското семејство Пешевски.

„Сам отидов по резултатите. Беше многу студено, имаше снег. Прочитав дека мојата ќеркичка има тумор на мал мозок. Читав, читав и не можев да поверувам. Почнав да плачам, чувствував дека светот ми се руши. Биле ме чекаше внатре на Детска клиника, а со неа беше и мојата мајка. Ми беше тешко тоа што не знаев како да и’ соопштам и на неа, но таа разбра дека  резултатите се лоши веднаш штом ме погледна кога влегов во собата“, раскажува Даниел.

Неговиот син Лука, пак, во тој момент бил дома со еден од чичковците, а другиот исто така тргнал во Скопје за да му даде поддршка на својот брат.

Поради возраста на пациентката, а сериозната ситуација, докторите уште вечерта ги разгледувале опциите за лечење. Околу 22 часот паднала одлука дека девојчето ќе треба да биде оперирано на Клиниката за неврохирургија.

„Знаев што е, но не знаев што допрва ќе биде. Биле ја однесоа во кома и дадоа многу јаки лекарства. Докторите навистина беа професионални и немам зборови за нив. Кога се освести ми рече дека веќе не ја боли главата и ме замоли да си одиме дома, но и објаснив дека ќе треба уште малку да лежи во болница. Четири дена подоцна дојде и терминот за операција“, се сеќава Даниел.

Ситуацијата во тој момент била „се’ или ништо“. Тој морал да потпише согласност за изведување на ризичната операција, по која допрва требало да се знае дали туморот е бениген или малиген. Операцијата траела околу четири часа, а за да ја изведат морале да ја истржат косата на девојчето.

„Најтешко ми беше кога ја видов без коса, покриена со чаршав. Ни ја покажаа од вратата, таа ми рече дека ја боли, дека сака да си оди дома. Ми рече дека ја сечеле на главата и не знам она како била свесна за тоа. И реков ништо не е тоа, ќе порасне. Ја однесоа на интензивна нега, не не’ пуштаа кај неа, а таа беше многу мала. Си наместив столче да седам пред интензивна и  се менувавме со мајка ми. Тешко ми беше да ја гледам на апарати приклучена, но по два дена беше посвежа и ја сместија во посебна соба“, вели Даниел.

За резултатите од операцијата биле потребни дваесетина дена, период во кој Даниел скришум плачел и одел до дома само на кратко. Во меѓувреме во нивното мало место на живеење веќе се расчуло за операцијата на Биле, па така информациите стигнале и до нејзиниот поголем брат.

„Тој дознал од некои деца на училиште и многу плачеше, но му објаснив дека се’ ќе биде добро. Се нервираше детето, беше под стрес“, раскажува таткото.

„Брат и’ дојде да ја посети уште веднаш после операцијата и секој ден доаѓаше. Доаѓаа многу луѓе, наши роднини, комшиски деца. Таа таму лежеше 21 ден. Сама инсистираше да оди, да шета. Ја фатив за рака и чекор по чекор одеше. Напредуваше и пред да си дојдеме дома од болница ги испратија резултатите. Гледав дека е подобра, но ги мислев резултатите“, додава нашиот соговорник.

Околу три недели по операцијата докторот му рекол на Даниел да ги викне мајка му и брат му за да им ги соопшти резултатите. Тие покажале дека туморот е малиген и веќе е во четврти стадиум. Докторот, сепак, им порачал дека не треба да губат надеж, но им предочил дека операцијата е всушност првиот чекор, така што ќе треба и радиозрачење и хемотерапија.

Од Детската клиника, малата Биле станала пациент на Клиниката за онкологија. Таму била со својот татко, а Лука исто така морал предвреме да порасне и дома да останува сам.  Косата постепено почнувала да расте и потоа повторно почнала да паѓа поради јаките лекови. Тогаш Даниел и предложил на малата ќерка да одат заедно на бербер, да се истрижат и да имаат исти фризури.

Во целиот „ролеркостер“, според зборовите на Даниел, мајката на двете деца почнала нов живот, оформила ново семејство, додека двете деца не можеле безгрижно да уживаат во своето детство. Биле ги гледала своите другарчиња  на камера, но понекогаш одела и на училиште за да ги види во живо барем за кратко.

Завршило и радиозрачењето, па дошло ред за хемотерапијата. На лечењето веќе му се гледало крајот, но вртоглавиците и понатаму биле секојдневие за третооделенката.

„Едното дете ми беше дома, другото во болницата. Едното го мислиш, другото го мислиш. Но имав позитивна мисла дека се’ ќе биде добро. Благодарен сум на училишниот персонал  што не дозволија да изгуби година, ја знаат ситуацијата. Еве и сега не оди толку, но дома пишува домашни па ги праќа на наставничката“, вели Даниел. Хемотерапиите одзеле над една година од детството на Биле и кога конечно завршиле семејството прославило со торта.

„Тоа го дочекавме со радост, сите се израдувавме бидејќи дојде крајот на терапиите“, се сеќава Даниел.  Летото кога завршило хемото почнал новиот живот за целото семејство. Биле веќе има долга коса и како што вели татко и’, таа е свесна низ што поминала. Предизвиците сепак и понатаму се овде, бидејќи контролите не стивнуваат.

Карциномот исцрпува и физички и психички, но и финансиски, особено кога сте еднородителско семејство.

„Тешко ми беше бидејќи јас тогаш не бев вработен. Се вработив пред 2 години, претходно подработував нешто приватно, па ја оставав Биле кај мајка ми да ја чува. Понекогаш давав крв па искористував по ден-два да бидам слободен. Мора да мислиш за јадење, децата да ти се топло облечени“, истакнува нашиот соговорник. Вели дека најлошото поминало, но ноќите се’ уште не му се целосно спокојни.

„Ноќе се будам за да видам дали дише, да бидам сигурен дека е до мене. Траумите се уште се тука, но и докторите ми даваат надеж“, додава тој.

Го прашавме што најмногу ја радува Биле, но тоа ни го откри и таа самата.

„ Сака да се дотерува, да прави фризури , тоа и’ е нешто омилено. Девојче е, сака да се дотерува. Бргу расте, облеката и’ се смалува. Педантна е, паметна е. Знае да готви, ми вари кафе. Сака да готви супа, да прави ориз со месо, но генерално се’ си готви“, ја опишува Даниел својата единаесетгодишна ќерка. Таа пак, ни откри дека од сите предмети најмногу ја сака ликовната уметност.

„Највеќе сакам да си цртам природа, сакам кога во училиште имаме слободен избор за цртање. Во моите цртежи највеќе сакам да користам дрвени боички. Сакам да се дружам, да си играм со бато, но и со моите најдобри другарки кои се викаат Јана и Јована“, срамежливо ни изјави Биле.

Нејзиниот татко реши да ја раскаже оваа приказна за да порача дека секогаш има светло на крајот од тунелот. На сите родители кои се во слична ситуација како неговата им порачува да не се откажуваат и да му се обратат за каков било совет.

Инаку, овој ден се одбележува како Меѓународен ден на децата болни од рак од 2002 година. Целта е да се сврти вниманието на светската јавност кон подобрување на третманот, негата, квалитетот на живот, но и на социјалните потреби на децата со рак, како и на нивните семејства. Статистиката на СЗО покажува дека секој година над триста илјади деца во светот на возраст до 19 години добиваат дијагноза рак.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.