ММС

Објавено на: 02/16/21 7:00 PM

Љубовта кон Доминик и храброста ме однесе до крајот на светот – Ангела од Скопје ја пронајде својата среќа во Холандија

Овој месец не потсетува на љубовта колку таа може да биде откачена во некои стуации, но искрена сила која не води кон животот. Откачена храброст имала и нашата соговорничка Ангела Маневска која без да размисли фатила авион и тргнала за Холандија за да го види момчето со  кое со месеци комуницирала преку Интернет.

Таа денес во ниту една ситуација не се кае за стореното бидејќи секој ден ја вкусува љубовта со нејзиниот партнер Доменик, но како што вели таа без поддршката на нејзиното семејство можеби и немало да биде тука. Сеќна е што направила вистински избор. Исто така Ангела отрива дека многу и недостасува татковината, но кога и да посака таа за 2 ипол часа е во својата земја.

Ангела вели дека нема начин како да објасни што претставува љубовта за неа,  едноставно, вели таа,  тоа е некое чувство кое не води и кое може да те однесе и до крајот на светот.

– На ова прашање верувам дека ни најголемите филозофи не би можеле да одговорат.
Нема дефиниција. Нема рецепт. Едноставно е. Тоа е убавото во љубовта. Чувство е. Неописиво со зборови. А, во моментот кога ќе го почувствуваш, сфаќаш дека е тоа. И, верувам дека секој на различен начин ја доживува љубовта. Љубов спрема родител, спрема партнер/ка, дете, пријател/ка. За мене љубовта претставува сила. Нешто што те води, од каде црпиш енергија и нешто што може да те однесе на другиот крај од светот, искрено одговори таа и ни откри како се зпознала со нејзиниот партнер.

-Летотo 2016 беше Доминик (мојот партнер) на одмор во Македонија. Се запознавме онлајн и комунициравме на тој начин додека беше тука. Не се видовме во живо, но комуникацијата продолжи и по неговото заминување. Од тогаш се слушавме секоја вечер и бевме секој ден се повеќе и повеќе заедно. Колку и да звучи тоа противречно кога некој живее на 2200 километри оддалеченост. Во септември истата година (2 месеци подоцна) отидов во Холандија. Таму се видовме за прв пат. Доминик ме чекаше на аеродромот во Амстердам со бела ружа. Таму се случи и нашиот прв бакнеж. Сега кога се навраќам на тој момент, ми се чини многу лудо . Но, тогаш бев со главата во облаци и едноставно отидов. Имавме прекрасна недела заедно, по која решивме дека би сакале и понатаму да бидеме заедно. Од тогаш почнавме врска на далечина. Тој доаѓаше во Македонија, јас во Холандија и се гледавме од прилика еднаш месечно. Сè до март 2017 година додека не се преселив таму. По шестмесечна врска решивме да пробаме како е да живееме во иста земја. Првата година не живеевме заедно. Јас работев како au pair (така и отидов таму) во Амстердам. Се гледавме за време на викендите. Таа година беше за мене еден вид на тест-година. Дали ќе можам да се прилагодам на околината? Дали ќе го научам јазикот? Дали врската ќе преживее? Дали се гледам себеси таму во иднина? Одговорот на сите овие прашања беше да. По една година аплицирав за партнер виза и еве ме. Веќе четврта година живеам тука и скоро три години заедно со Доминик, вели среќно Ангела.

Таа  раскажа и како  сфатила дека токму Доменик е нејзината вистинска љубов која ја натера да ги направи сите ризици во животот.

-Пробувам да се сетам на точен момент кога тоа се случило, но таков момент не постои. Ние сме повеќе од четири години заедно и сè уште ми се случува да седиме на кауч и гледаме телевизија со нашето куче Џејн меѓу нас и да си помислам колку сум среќна што сме тука во овој момент заедно. Јас имам среќа што со Доминик се најдовме и што сме си љубов  еден на друг. И, со секој ден вложување во врската ја правиме љубовта сè повистинска,  рече нашата соговорничка.

Љубовта не познава граници и е иста во целиот свет. Но, сепак, Холандија е  поразлична земја  од  Македонија, па Ангела каква е љубовта на холански начин и дали има предрасуди:

– Љубов на холандски начин. Хаха, звучи како книга. Не знам како би ја дефинирала. Тука love is love, љубов е љубов. Секој има право секого да сака и да биде со тој што го сака. Тоа ми се допаѓа. Луѓето не судат брзо и не се мешаат во туѓите животи. Главно, луѓето се слободни и среќни. Љубовта тогаш си доаѓа сама по себе, додава таа.

Да оставиш се зад себе и да заминеш во непозната земја е вистинска храброст.  Ангела откри дека не и било лесно што во Холандија започнала нов живот, но кога ја фаќа носталгија често знае да посетува Македонија и по неколку пати во годината, а и среќна е што нејзиното семејство во се ја поддржува.

-Животот во Македонија се моето семејство и моите пријатели. Тешко беше секако, и сè уште е. Но, за 2,5 часа со авион се стигнува во Скопје. Сега, во време на пандемија, не е лесно да се качам на авион и да отидам. Но, во нормални услови одам често за Македонија. Моето семејство ме поддржува бескрајно и тоа ми значи неизмерно. Без нивната поддршка и неизмерна љубов не знам дали би направила волку голем чекор. Мајка ми често вели: “Кога моите деца се среќни, тогаш и јас сум среќна.” И кој знае дали ќе биде засекогаш, можеби некогаш ќе се вратиме во Македонија да живееме, зошто да не, вели Ангела.

Без оглед што Св. Валентајн е католички празник,  Ангела вели дека овој ден не се слави во нивниот дом.

-Во нашиот дом не се слави Свети Валентајн на 14 февруари. Доминик често знае да ми даде картичка напишана со убави зборови, без повод. Јас често знам да му купам подарок во период кога не очекува. Така гледано, сме романтични. Сметаме дека е битно да си кажеме, но и да си покажеме еден на друг дека си значиме. Некогаш со збор, некогаш со подарок, некогаш со прегратка. Животот е толку динамичен и сè се случува брзо, што понекогаш лесно е човек да заборави дека оној кој најмногу ти значи е до тебе. Јас сум среќна што Доминик често знае да застане и да ме потсети дека се имаме еден со друг, и дека тоа е најважно, објасни таа.

Сите туристи кои доѓаат во Македонија се воодушевени од убавините на нашата земја како и од храната, па  Доменик кога доаѓа тука како што ни откри Ангела веднаш посетува кафеана за да ги вкусни традиционалните јадења.

-Во нормални услови, неколку пати во годината доага. Покрај кафеана, Охрид  е омилено место. Таму сме ние. Тоа ни е место за одмор и време за нас. Прошетките на зајдисонце покрај езеро  и погледот од Канео се за нас романтика, раскажува вљубената Ангела.

Ангела откри дека се уште не успеала својот сакан да го научи да зборува на македонски јазик, но се надева дека и во тоа ќе успее еден ден.

-Ух, болна точка. Хаха, се шегувам. Не. Иако работам како учителка, тоа е мисија која до сега не успеала. Знае зборови како: здраво, како си, кафана (најбитниот збор ), добро, чао и слично. Контекстот на разгоорот понекогаш го разбира, но не би кажала дека знае македонски. Можеби во иднина кога ќе имаме деца ќе учи додека јас со децата на македонски зборувам. Ќе нема друг избор, вели таа.

Овој пар е уште еден доказ дека љубовта  е силно чувство кое не води и на крајот од светот без да се свртиме назад, се надеваме дека ваквата љубов која ја имаат Ангела и Доменик ќе ја чуваат и негуваат до крајот на животот, а ние посакуваме што поскоро да имаат еден куп дечиња кои ќе бидат круна на нивната чиста љубов.

Весна Петровска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.