ММС

Објавено на: 02/15/21 9:15 AM

„Vakcinacija.mk“ достапна и на албански јазик, 46.023 лица ја пополниле формата за аплицирање

Веб-страницата „Vakcinacija.mk” на која граѓаните може да искажат заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19 е достапна и на албански јазик на следниот линк: https://vakcinacija.mk/alb/.  На оваа веб-страница 46.023 лица ја пополниле формата за аплицирање. На овој начин, тие се регистрираат во електронскиот систем „Мој Термин”, а матичниот лекар може да го види податокот за секој пациент.

Преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација. „Мој Термин” го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава – објаснуваат утрово од Министерството за здравство.

Вчера пристигна и првата пратка 4680 од вкупно 8000 фајзерови вакцини против КОВИД-19 од Република Србија. Во текот на денешниот ден ќе заврши и регуларната процедура во МАЛМЕД, а од среда вакцинацијата почнува со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје.

Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот – додаваат од Министерството.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.