ММС

Објавено на: 02/14/21 8:19 PM

Пандемијата не спои со Бети уште повеќе- Со професор д-р Никола Пановски за љубовта, бракот и животот

Св. Трифун или Св. Валентајн? Вино или љубов? Кој од овие празници денес се слави кај нас? Ако го прашате професор д-р Никола Пановски ќе ви рече- Св. Трифун, бидејќи е љубител на чаша убаво вино и ракија. За него Денот на вљубените е помодарство, никогаш не го славеле овој празник и не си разменувале подароци со сопругата, бидејќи смета дека жената треба да се почитува секој ден во годината. Но, не само на тема љубов за овој ден, туку професорот Пановски е невозможно да не се праша и за пандемијата, особено љубовта и браковите за време на пандемија.  За ММС тој го кажа и своето размислување- што е најважно за опстојување на еден брак и дали е доволна само љубовта. Но, секако, почетокот е неизбежен- Трифун или Валентајн?

-Го славиме Св. Трифун, бидејќи кога бев млад овој другиов не постоеше. Не ни влегол во традиција. Иако морам да признам дека ниту Св. Трифун во тоа време многу не се славеше. Но, секако дека ќе кажам Св. Трифун, бидејќи сум човек кој сака и вино и ракија.   Славењето на Денот на вљубените е во поново време и мислам дека за многумина не важи. Ние дома не го славиме. Никогаш не сме разменувале подароци на овој ден, но за љубов секогаш мо може да се зборува и подарува, не треба повод.  Таман работа ако жената се почитува само на овој ден или само на „8 Март“. Жената се почитува секој ден во годината.  Кога бев раководител на работа на жените им кажував дека треба да живеат како секој ден да е  „8 Март“, а не специјално тогаш да се слави. Со прославата како да сме ја свршиле работата за цела година.  Мислам дека веќе пореално се празнува, нема такви славења на овие денови како порано.

Дали често подарувате и што?

-Да и тоа најчесто цвеќе.  Еве сега на сопругата и доаѓа роденден и бидејќи и го украдоа велосипедот, не морам да мислам што друго да и купам. Сопругата има фирма поради која не можам да купам очила и накит, бидејќи ги увезува. Гаредоба и чевли не купувам, бидејќи не знам да купувам.  Затоа најмногу купувам симболични подароци и тоа најчесто парфем или цвеќе. Има интересна случка околу запознавањето со мојата сопруга Бети, која е 15 години помлада од мене. Јас во тоа време бев директор на Институтот а таа доаѓаше, бидејки нудеше реагенси. Па почнаме и да соработуваме. Со две колешки бевме на конгрес во Хелсенки на промоција на тие реагенси со кои работевме. Во знак на благодарност јас отидов да ја посетам во нејзината канцеларија. Пред тоа  влегов во парфимерија и бидејки не знаев каков парфем користи ги замолив продавачките да ми дадат некој убав. Продавачката, Господ здравје да и даде, понуди еден, кој на Бети многу и се допадна. Кога веќе ја почнавме врската со ми кажа дека „Виш“ и бил омилен парфем, и сакала од фирмата „Шопард“ да ги увезува. Подоцна  и се исполни желбата да увезува производи од познати марки. Потоа ме покани на ручек и некаде во октоври почна нашата приказна. Се сеќавам  точно на петти октомври пред 20 години, додека бевме на конгрес во Охрид, почна напата врска. Беше пети октомври, датумот го паметам, бидејќи падна режимот на Милошевиќ.  Една година бевме во врска и потоа се земавме. По неколку месеци ни се роди првиот син Јаков, кој сега има 18,5 години, па потоа се роди Јована која пред некој ден наполни 16. И непланирано, најслатката и најмалата Антонија која има 11 години. Тие се три деца од овој брак, а од претходниот брак имам два сина, близнаци кои се осум години помлади од Бети. Имам и четири внучиња. Кога ја почнав врската со оваа сопруга, веќе пет години како бев разведен. Супер функционираат двете семејства, сопругата и моите синови имаат другарски однос. Првата година многу шетавме, се погодивме и двајцата љубители на спортот. Нашата вистинска љубов траеше додека не дојдоа децата, па потоа се претвори во почитување и со годините и во се друго.

Како ја поминувате пандемијата? Многумина велат дека пандемијата им го растурила бракот, но има и такви кои велат дека им го зацврстила?

-Семејствата кои се држеле вештачки пандемијата ги расипа. Кај нас е поинаку. Не спои уште повеќе. Не сме имале кавга цела година иако е депресивна работата. Кога имате  надоврешен непријател или се разделувате или се зближувате. Ние порелаксирано живееме сега, повеќе сме заедно. Не одиме на гости, немаме кавги од типот каде ќе одиме на одмор. Работата си тече. Далеку дека е ова нормално  време за живеење, но сакам да кажам дека убаво си ја поминуваме годината.  Немаме внатрешни проблеми. Минатата година сопругата имаше јубилеен роденден, а оваа година, пак, имаме јубилејна годшнина, ќе славиме 20 години брак.

Значи сте ги надминале годините кои се критични за бракот?

-Нашата состојба е специфична. Јас претходно имав доста негативно брачно искуство. И особено кога се родија децата и искуството кое го имав од претходно, знаев како да се однесувам во овој брак кога ќе има некакви проблеми. А и кога ме прашуваат кој ти е овој брак, секогаш велам- овој ми е последен. Разликата во години не е ново, има многу познати бракови со големи разлики. Некогаш причина е љубовта, некогаш економскиот момент. Кај мене не е така, бидејќи сопругата е побогата од мене, беше побогата дури и кога  се запознавме. Јас бев професор а таа имаше фирма која и сега е финансиски моќна. Не знам зошто жените сакаат повозрасни мажи? Можеби жените бараат сигурност. Сопругата Бети го изгуби татко и две години пред да се сретнеме. Можеби, пак, имаше влијание и тоа што тогаш јас имав два сина и немав ќерка. Си викав- дали повеќе ми е ќерка или жена. Ќерка сакав цел живот и  Бети ми подари две ќерки. Бети е прекрасна жена. Подоцна ми призна дека не само јас, туку тогаш и таа била вљубена во мене,  била многу збунета кога сум и го однел парфемот.

Што е најважно за успех во бракот?

-Најважно е почитувањето и прфаќањето на мааните, до некој степен. Прилагодување. Најважно е да се почитуваат барањата и навиките на другиот. Еве еден пример. На Бети и е тешко мене да ме почитува бидејќи пушам. Но, што е компромисот? Не пушам дома веќе 20 години, туку пушам надвор, на тераса. Тоа што е заедничко да се почитува, таму каде не можеме да се најдеме, секој да си ја тера својата работа. Без многу мешање, кај си бил и што си бил. Од мое искуство љубомората е многу опасна, Тоа го нема во бракот со Бети, го има ама во многу мали количини. Љубомората може да растури многу бракови. Посесивноста, дека ти си сега мој и толку, е лоша. Кога се разведов децата веќе беа полнолетни. Никогаш не би оставил малолетни деца. Разводите се стрес за сите, особено за децата. Можам да кажам дека оние што во бракот немаат деца, а издржале, е тоа е вистинска љубов. Имам пријатели кои имаат по 70 години, немаат деца, од разни причини не посвоиле, а сепак издржале. Навистина е за восхит.

Како се справувате со стереотипите во опшеството, со озборувањето?

-Треба време за тоа да се искорени. Јас немам никави предрасуди. Луѓето треба да си живеат кој како сака. Таа оптовареност, кој каков бил и каква  му била сексуална ориентација. Тоа е срамота. Секој нека си го тера својот живот. И нека  гледаат дали тој човек е човек. Дали е професионалец, дали е хуманист. За мене тоа е битно, а не кој како живеел, каков бил. Е сега за разлика во години… Не знам. Некогаш преголемата разлика не ја разбирам. Но, секој со својот избор. Јас ги жалам лугето што  озборуваат. Ги жалам лугето што се занимаваат со тоа некому да му вратат, да се одмаздуваат. Тоа е најголемиот проблем. Тоа се чувствува и во работните организации. Некоја  љубомора. Кога ќе стане наутро се занимава со некој друг а не со себе.   А да не зборувам за мешањето во приватен живот.

Зошто многу од мажите за бракот велат дека е мрак?

-Никој не ги натерал да се женат. Ако ги трнеме финансиските причини, сепак, на мажот повеќе му треба жената отколку обратно. Неазвисна жена полесно се справува сама. Тоа  го зборувам и медицински. Жените живеат подолго и подобро опстануваат сами. Па дури и со деца. А статистички мажите многу полошо здравствено проаѓаат ако покрај себе немаат жена. На мажите навистина повеќе им треба потпора, особено ако жената е поздрава и помлада. Исто така  мажите што имаат ќерки или им се погодиле снаите живеат подолго. Столб на семејството кај нас, во нашето општество е жената, таа знае се да орѓанизира, да се справи со проблеми. Ако има љубов потписот не е важен, особено ако имаат заеднички деца, заеднички интереси. Иако, понекогаш од искуство од други луге испаѓа и да биде важен…

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.