ММС

Објавено на: 02/14/21 2:10 PM

Закроени лозјата во Тиквешијата

Со благослов за богат и квалитетен род денеска се закрои виновата лоза во тиквешијата. И покрај снежните врнежи и големата снежна покривка голем дел од лозарите ја испочитуваа традицијата. Во Кавадарци се одржа и манифестација по повод празникот Свети Трифун. Во винскиот музеј, беше закроена импровизирана лоза.

Министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа им посака богат род и успешна сезона на лозарите и потсети дека минатата година беше тешка за лозарството и винарството.

„Пандемијата ја наруши трговијата со флаширано и наливно вино. Нашите винарници се соочија со вишок на вино, а лозарите немаше каде да го предадат грозјето,  кое беше и со послаб квалитет. Владата ја покажа вистинската грижа и за лозарите и за винарите. Донесовме интервентни мерки и успешно ја надминавме кризата. За таа цел се усвои закон за финансиска поддршка за намалување на последиците од ковид 19“ рече Хоџа и најави дека со петиот пакет економски мерки ќе се исплатат преостанатите 10 милиони денари за лозарите.

Министерот посочи дека извозот на вино во последните години бележи постојан пораст.

„Во 2019 и 2020 виното во целокупниот извоз учествуваше со 7,4%. Повеќе години наназад виното е трет производ по вредност во извозот. Ова само го потврдува неговото значење за вкупната домашна економија. Драго ми е што имаме се повеќе млади луѓе кои сакаат да инвестираат во овој сектор“ нагласи Хоџа.

Честитки до лозарите по повод големиот празник упати и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој порача заштитникот на виновата лоза Свети Трифун да го штити родот од новата реколта.

„ Посакувам оваа година да биде успешна за лозаропроизводителите со производство на квалитетно грозје, винариите да прават квалитетно вино и целиот труд да го добие заслуженото. Општина Кавадарци дава огромна поддршка и на малите семејни винарии кои со огромна љубов вложуваат во своите производствени капацитети со надеж за  поголема промоција а во исто време и развој на туризмот во овој регион“ рече Јанчев.

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.