ММС

Објавено на: 02/14/21 1:15 PM

(ФОТО) Во духот на пријателството помина примопредавањето на вакцините

На шест степени под нулата денеска на Граничниот премин Табановце, македонскиот државен врв предводен од премиерот Зоран Заев ја пречека првата пратка вакцини, која ја донесе лично српскиот претседател Александар Вучиќ.

Со 4.860 вакцини, ќе бидат имунизирани вкупно 2.430 граѓани, а први на списокот по важност се медицинските лица вработени во ковид центрите.

Примопредавањето мина во знакот на пријателството и подадената рака од Србија, во момент кога Македонија мака мачи да ги обезбеди првите дози.

Донацијата на вакцините, како што рече премиерот Заев е чин на пријателство и голема солидарност, израз на пријателска и соседска подадена рака.

– 2020 година беше една од потешките години во историјата на човештвото, ништо не е завршено и оваа година. останува и понатмау да бидеме крајно внимателни. Но, оваа планетарна криза го извади најдоброто од човештвото, сораотката, пријателството и солидарноста. Како никогаш досега пандемијата докажа дека сме поврзани и со најдобрите вредности и дека тие никогаш понатаму не треба да бидат заборавени, рече Заев упатувајќи благодарност до Вучиќ и премиерката на Србија Ана Брнабиќ.

Чинот на донацијата на вакцините, според Заев е светла перспектива на односите помеѓу Србија и Македонија.

– Нашите сограѓани Србите во Северна Македонија и Македонците во Србија, се значаен дел од нашето општество, уникатен дел од мозаикот на вредности и различности и со нив традиционално ги унапредуваме односите и со Република Србија, рече Заев.

Превод на она што го рече Заев, не беше потребен, оцени спрскиот претседател Вучиќ кој го започна своето обраќање прекинувајќи го преведувачот со образложение, дека нема потреба оти се разбираме.

Донацијата можевме да ја направиме и пред 10 дена, рече тој, но дозволата за извоз од производителот Фајзер, била кочницата за процесот.

Среќен е, како што вели што државјаните на Македонија ќе ја започнат имунизацијата и пред некои други во регионот, а упати порака и до сите Македонци.

– Ние немаме никакви други интереси, освен да покажеме пријателство кон македонскиот народ и граѓаните на Севена Македонија, ние други работи немаме, нас друго ништо не нѐ интересира, освен нашето пријателство да напредува, економската размена да ја засилиме и да можеме да живееме не само како најдобри соседи туку и како најдобри пријатели, рече тој.

И додека ние се радуваме на првата пратка вакцини, собрана во една кутија, Вучиќ гордо истакна дека кај нив досега се искористени 840 илјади дози за вакцинацијата.

Потенцирајќи дека е премногу студено, не сакаше премногу новинарски прашња, но одговорија на сите поставени, по што се повлекоа во автомобилите и говорницата ја препуштија на министерот за здравство Венко Филипче.

Тој накратко рече дека имунизацијата започнува в среда и дека први за вакцинирање според приоритетот се медицинските работници.

– Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје, изјави министерот.

Откако заврши и Филипче со обраќањето, двете делегации продолжија кон Скопје под силно полициско обезбедување. Освен претседателот Вучиќ и премиерот Заев, со нив беа и српскиот министер за здравство Златибор Лончар, македонскиот Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и првиот вицепремиер Артан Груби.

Накратко по нив, исто така со полициско обезбедување, замина и комбето со пакетот вакцини.

Никола Ивановски
Фотограф: Ванѓел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.