ММС

Објавено на: 02/13/21 8:23 AM

Северна Македонија ќе продолжи засилено со реформи до усвојување на преговарачката рамка, да се врати рационалност во комуникацијата со Софија

Нема друга алтернатива освен членство во Европската Унија. Ветото од Софија предизвика разочараност, но ние продолжуваме да одиме напред. За ова да биде возможно, ни треба порационален пристап. Можеме да дебатираме за историјата, не од перспектива на ревидирање на идентитетите, туку од аспект на едукативна перспектива во насока на отстранување на стереотипите од минатото што создаваат нетрпеливост меѓу општествата, изјави вчера во интервју за белгискиот весник „Ла либр”, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, повторно подвлече дека е неопходна европеизација дома, посочувајќи дека процесот на пристапување е потребен токму како алатка за реформи. Сигналите од бугарска страна изминатава недела се дека е потребно да се смират емоциите и двете земји да влезат во прагматичен дијалог.

Османи за „Ла либр” вели дека со Софија можеме да дебатираме за историјата, не од перспектива на ревидирање на идентитетите, туку од аспект на едукативна перспектива во насока на отстранување на стереотипите од минатото што создаваат нетрпеливост меѓу општествата. -Сето ова, за да се користи историјата како мост, а не како ѕид, посочува тој.

Тој потестува дека Договорот за добрососедство, што Скопје и Софија го потпишаа во 2017 година, предвидува дека Бугарија ќе ги поддржува евроатлантските интеграции на Северна Македонија и дека врз основа на спогодбата беше формирана заедничката комисија за историски и образовни прашања.

– Комисијата за две и пол години постигна договор за два временски периода и пет историски личности. Ова е чекор напред, имајќи предвид дека во текот на изминатите три децении, двете земји не беа во можност да се договорат за една реченица, за тоа како да се опишат историските настани и личности. Ова е добра основа за да истраеме, додава Османи.

Според министерот за надворешни работи, земјава е тест за кредибилитетот на процесот на проширување, бидејќи 20 години правеше компромиси што дури и земјите членки не би ги направиле за да започнат преговори за членство во ЕУ.

– Но, непредвидливоста стана нова карактеристика на овој процес, а таа го става во опасност и го загрозува кредибилитетот на овој процес, што пак од друга страна е клучен елемент во трансформацијата на земјите од балканскиот регион… Колку повеќе се нарушува кредибилитетот на проширувањето, толку повеќе ослабува регионот и го изложува на влијанието на други актери, нагласува Османи.

Тој потенцира дека балканскиот регион е географски, историски, културолошки и економски поврзан со ЕУ.

– Ако ја погледнете картата, регионот на Балканот не е соседен регион на ЕУ. Тој е во срцето на ЕУ, во смисла дека е опкружен со земјите-членки на ЕУ и НАТО. Јас дури и не би зборувал за „проширување”, туку за „комплетирање” на ЕУ. Регионот претставува додадена вредност за ЕУ, не само економски, туку и од аспект на безбедноста. Ова го прави регионот привлечен за други сили и го прави цел на различни влијанија, заклучува Османи во интервјуто за „Ла Либр”.

Вицепремиерот Димитров, пак, на состанокот на Парламентарната група за соработка меѓу Северна Македонија и Литванија, потсети дека досието на Северна Македонија во Брисел беше кристално чисто и неусловено, но сепак и покрај силните заложби на германското претседателство, формалното отворање на преговорите во рамки на меѓувладина конференција сѐ уште не се случи поради несогласувањето на една држава.

Димитров пред литванските парламентарци се осврна на историјатот на европската интеграција на Северна Македонија и пречките кои повеќе од една деценија ја оставија нашата држава во чекалната на ЕУ, но конечно доби зелено светло во март минатата година.

Димитров укажа и на цврстиот став за натамошна посветеност на внатрешниот реформски процес.

– Европеизацијата ни е потребна за да ја донесеме Европа дома, нагласи Димитров, посочувајќи дека процесот на пристапување е потребен токму како алатка за реформи.

Вицепремиерот побара поддршка од пријателска Литванија за процесот на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека всушност станува збор за комплетирање на Европа. – Почетокот на преговори на Северна Македонија со ЕУ ќе биде успех и за нашата држава, но и за сите земји членки и самата ЕУ, додаде Димитров.

И од бугарска страна изминатава недела пристигнаа сигнали оти е потребно да се смират емоциите и двете земји да влезат во прагматичен дијалог. Бугарскиот амабасадор во земјава, Ангел Ангелов во средата за време на посетата на Штип рече дека е оптимист дека наскоро ќе бидат одблокирани преговорите меѓу Скопје и Софија и смета дека двете држави треба да продолжат да работат во тој правец.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, истиот ден рече дека со сигурност постои затегнување на односите но оти е потребно, како што кажа, сите да ги смират емоциите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.