ММС

Објавено на: 02/12/21 9:05 PM

Грозданова: Целосно сме подготвени за вакцините на „Фајзер” и за процесот на вакцинација

Нашата држава месеци наназад се подготвува за една од можеби најголемите операции, не само кај нас, туку и на светско ниво, а тоа е логистиката околу пристигнувањето и дистрибуцијата на вакцините и нивната апликација и ние сме целосно подготвени да ги примиме вакцините, истакна претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова во вечерашното гостување на телевизија „Сител” .

Таа потенцира дека поради најавите за доаѓањето на фајзеровата вакцина уште од декември минатата година, нашиот здравствен систем е подготвен и во делот на складирање.

– Обезбедени се неколку фрижидери на минус 70, од кои едниот е веќе во Клиничкиот центар, другите се стационирани во здравствените домови низ државата и воспоставени се комплетни стандардни процедури во однос на нивното складирање, диструбуција и апликација, истакна Грозданова.

Претседателката на Комитетот за имунизација информира дека медицинските лица од вакциналните тимови, поминале две виртуелни обуки и две обуки во живо, со цел процесот на вакцинација да се одвива според сите стандарди кои ваквиот процес ги бара. Таа рече дека од самиот почеток им биле посочени сите барања, кои „Фајзер” како производител, но и нашите регулаторни тела, Министерството за здравство и Агенцијата за лекови, ги бараат.

Во однос на подготвеноста на медицинските лица да одговорат доколку се појават несакани реакции од вакцините, проф. д-р Грозданова вели дека таква процедура е задолжителна за секој лек, вклучително и за секоја вакцина и тоа, како што вели Грозданова, години наназад Агенцијата за лекови МАЛМЕД, многу темелно и детално го води.

– Во Агенцијата е формиран и еден тим, кој одговара тековно на дневна основа на сите овие барања. Нашите колеги, кои работат во делот на фармаковигиланца се запознаени со сите процедури и постапки. Начинот на пријавување не само кај нас, туку и интернационално и во системот и на „Фајзер” и на меѓународните институции, коишто го следат ова, е со цел да имаме една безбедна вакцинација. Она што го видовме во овие месец и половина, откако почна вакцинацијата во другите земји, е дека бројот на несакани реакции е навистина минимален. Но, многу е битно тоа да биде забележано, мониторирано и пријавено до надлежните. Верувам дека нашиот систем, кој и досега функционираше,  ќе одговори на овие барања, подвлече Грозданова.

За вакцината на „АстраЗенека”, која треба да пристигне кај нас преку КОВАКС механизмот, рече дека не се доведува во прашање нејзината безбедност, туку вакцината се покажала како помалку ефикасна кај јужноафриканската мутација на САРС-КоВ-2 и кај лица над 65 години, создава 60 отсто заштита, што според професорката, е доволно. Но, како што нагласи, „АстраЗенека” се покажала како многу ефикасна кај лица со алергии, за разлика од фајзеровата вакцина и на „Модерна”, кои кај мал број лица со алергии предизвикале несакани ефекти.

Грозданова препорача лицата кои имаат алергии да се консултираат со матичниот лекар за која вакцина да ја примат.

-Состојби на автоимуни заболувања, се исто така, состојби кои треба будно да се следат. Исто така, и каква било здравствена состојба, кај која имунолошкиот систем е на некој начин засегнат, би значело временско одложување, но во никој случај контраиндикација за примање на вакцините, вели професорката.

Таа истакна дека вакцините обезбедуваат имунитет од шест до девет месеци.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.