ММС

Објавено на: 02/12/21 5:33 PM

Торнадото во Измир предизвика големи штети

Штетата предизвикана од торнадото што се случи во областа Чешме во Измир, во кое беа повредени 16 лица, беше откриена со разденувањето, јавува агенцијата Анадолија (АА).

По обилниот дожд што во градот започна вчера во вечерните часови, торнадото што се создаде во морето на локацијата Алачати предизвика огромна штета во подрачјето.

Торнадото кое започна на плажата и подоцна го зголеми својот интензитет во подрачјата близу морето, предизвика штета врз многу куќи, возила и чамци.

Торнадото најмногу влијание имаше врз едно градилиште, каде што беа повредени 16 лица како резултат на уривање на кран. Градилиштето буквално се претвори во бојно поле.

Меѓу другото, торнадото ги урна и контејнерите во кои беа сместени работниците од градилиштето, сруши дрвја, а неколку автомобили ги фрли на 100 метри од нивната првобитна положба.

Торнадото оштети голем број куќи, додека автомобилите беа оштетени од ќерамидите кои паѓаа од покривите на куќите.

Штетата предизвикана од торнадото во регионот се снимени со дрон.

Се наведува дека едно од повредените лица кое било примено во болница има скршеница на ногата, а другите се во добра состојба.

Градоначалникот на Измир, Тунч Соер, го посети Чешме, каде што се случи катастрофата од торнадото, и се сретна со граѓаните чии куќи беа оштетени.

„За кратко време се случи голема катастрофа. Сликата што ја гледаме е тажна и покажува колкава катастрофа е настаната. Покривите во голема мера не се на своите места. Значи, тоа е она што го нарекуваме климатски промени, природните катастрофи не се далеку од нас. И тоа го видовме“, нагласи градоначалникот Тунч Соер.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.