ММС

Објавено на: 02/12/21 1:49 PM

Браќата Петкови освен Македонија ќе го претставуваат и Гостивар на Светско првенство во скијање

Виктор Петков, моментно најдобриот скијач во Македонија и неговиот помлад брат Владимир наредната недела ќе настапат на светското првенство во скијање. Пред заминување, желби за добри резултати и успешно претставување на Гостивар им посака и градоначалникот Таравари.

Во шестчлената експедиција на националната скијачка репрезентација која ќе настапи на Светското првенство, браќата Петкови членови на клубот Сноу Спорт добија можност за настап во најсилната светска конкуренција. Тие идната недела ќе се натпреваруваат во дисциплините слалом и велеслалом.

Пред заминување за Кортина Д’Ампецо, двајцата спортисти и нивниот тренер беа на прием кај градоначалникот Арбен Таравари кој ги потврди заложбите за поддршка на успешни спортисти.

– Секогаш е задоволство да се запознаам со врвни и талентирани спорстити. Тие се и своевидни амбасадори на родниот град и ние чувствуваме потреба да ги поддржиме во постигнувањето на врвни резултати и нивното заминување на елитниот натпревар. Им посакувам да имаат успешни настапи, а со тоа и да ја пренесат пораката дека талентираните спортисти ја имаат поддршката од средината од каде потекнуваат, рече Таравари.

Тренерот на клубот „Сноу Спорт“, Гоце Петков заблагодарувајќи се на желбите, истакна дека помошта на општината и залагањето на градоначалникот во значајна мера влијаеле за постигнатите и резултати и претстојниот настап на најелитното светско натпреварување.

– Нашите членови ќе тргнат во недела и според планот треба во четврток да настапат во трките а квалификации, а еден наш претставник веќе има обезбедено и настап во главната трка. Виктор и Владимир ќе настапат во техничките дисциплини. За да се стигне до тука не е воопшто лесно и затоа помошта од заедницата ни е добредојдена, рече тренерот Петков.

Тој напомена дека пласманот во првите триесет во светската елита ќе биде одличен успех и своевидно „визирање” на билет за претстојната зимска олимпијада.

Виктор Петков (21) со постигнатите резултати, моментно е најдобро рангираниот македонски скијач. Ова ќе биде негово трето учествува, а на неговиот пет години помал брат Владимир ова ќе му биде деби во скијачката елита.

 

 

з. г. м.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.