ММС

Објавено на: 02/12/21 1:29 PM

Нема коруптивно однесување и судир на интереси при доделувањето концесии на фирми во сопственост на блиски лица на премиерот, одлучи ДКСК

Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница одлучи дека нема судир на интереси при донесување одлуки од страна на Владата, за доделувањето концесии за експлоатација на минерални суровини на фирмите „Еленица“ и „Тотал инженеринг“, кои се во сопственост на блиски лица на премиерот – брат и братучед.

Пријавата до ДКСК ја поднесе политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а Комисијата формирала два предмети, еден во делот за корупција и еден за судир на интереси при доделувањето на концесии.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска ја објасни целосната законска процедура за добивање концесија. Изнесе цитати од Законот за спречување корупција и судир на интереси во кој членот два вели дека под корупција се подразбира злоупотреба на функција, јавно овластување, службена должност или положба, за остварување на корист директно или преку посредник, за себе или за друг. Понатаму го цитираше и член пет, кој вели дека секој има право на еднаков пристап кон вршењето работи од јавен интерес и право на еднакво постапување од страна на  носителите на власта и лицата кои вршат јавни овластувања и службени должности.

– Ова го потенцирам бидејќи пријавата од ВМРО-ДПМНЕ алудира на тоа дека безразлика што се работи за премиер и има важна функција, дека истиот ја искористил за добивање концесии, но тоа не значи дека некој од неговата фамилија да не работи затоа што тој има некаква функција. Постапката за доделување концесии ниту ја врши Владата ниту пак донесува конкретни одлуки. Тие само донесуваат конечна одлука што по редот на нештата, како сопственици на природното-минерално богаство на Македонија, се должни да го дадат. Постапката е спроведена од Министерство за економија од Комисија која е формирана од 20 члена и тие се одговорни за нејзино законско спроведување, рече Ивановска.

Таа потенцира дека на премиерот Заев како премиер на Влада не влијаела на одлуките, безразлика дали се однесуваат на детални геолошки истражувања или концесии за минерални суровини.

– Постапката е одамна започната 2012/13, Законот воопшто не е сменет. Со самата процедура не констатиравме дека постојат исклучоци или дека е дадена предност кон оваа фирма, така што го повтарам мојот предлог постапката да се запре, наводите не се потврдени, рече Ивановска.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.